Али Риза од Пакистан 8 години живее во Македонија: „Работам во суд, тука платите се подобри отколку во мојата родна земја“
- Детали
- вторник, 24 јуни 2025
„Јас ја напуштив својата држава со цел да најдам подобар живот и очигледно тоа го најдов во вашата земја. Во Македонија живеам веќе 7 полни години и избрав да останам бидејќи тука сум среќен, чувствувам некој мир, најдов доста пријатели како преку професијата...“, вели Али Риза Куреши (27) од Пакистан, кој работи како судски преведувач во Скопје.

Али Риза Куреши (27) од Пакистан работи како преведувач на повеќе јазици во Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Кривичен Суд - Скопје и во Прифатниот центар за азиланти во Визбегово, преку организацијата ИОМ.
Тој си ја пробал среќата во неколку европски земји, но поради низа околности останал во Македонија и вели дека се вљубил во земјата, го научил јазикот и си нашол одлична работа.
Во интервју за CRNOBELO.com тој зборува за неговата преселба тука:
Колку долго живееш во Македонија и зошто ja избра токму Македонија?
Во Македонија живеам веќе 7 полни години, за брзо 8 години. Во вашата земја избрав да останам бидејќи тука сум среќен, чувствувам некој мир, најдов доста пријатели како преку професијата, така и од средината во која живеам, престојувам и се наоѓам.
Не чувствувам дискриминација и се чувствувам прифатено во околината.
Бев изморен од низа патувања и неуспешни обиди да заминам и останам некаде во некоја друга европска држава, бев честопати депортиран и некако тука го најдов мирот, ја работам работата која ја сакам и се чувствувам далеку поуспешен, за разлика од претходните години и искуства кои ги имав во животот.
Климата ми одговара и на пазарите во Скопје можам да најдам доста слична храна која се користи и се јаде и кај мене во Пакистан.
Така што Македонија ја чувствувам за топла средина и место во кое јас лично се пронаоѓам.

Што те донесе тука и што те задржи?
Јас ја напуштив својата држава со цел да најдам подобар живот, очигледно дека тоа го најдов во вашата земја. Покрај мирот тука е и подобрата заработка и месечни примања, за разлика од мојата држава.
Што најмногу ти се допаѓа во Македонија?
Во Македонија најмногу ми се допаѓа народот.

Што најмалку ти се допаѓа овде?
Искрено во Македонија не ми се допаѓа тоа што многумина од луѓето, не си го гледаат својот живот и честопати зборуваат за туѓиот...
Така што единствено тоа не ми е пријатно некогаш да го гледам и слушам.

Со што се занимаваш? Дали трошоците за живот во Македонија се повисоки или пониски отколку во Пакистан?
Работам како преведувач. Трошоците во Македонија се далеку повисоки за разлика од мојата земја, но исто така и месечната заработка, односно плата, е доста поголема за разлика од Пакистан, така што тоа ќе му дојде на исто.
Јас се навикнав на овие трошоци кои ги имам во вашата земја.
Колку се разликуваат Македонците од Пакистанците кога станува збор за љубовта, пријателствата и работата?
Јас лично не забележувам некои видни разлики, веројатно бидејќи секогаш пристапувам искрено со секој човек, па така тоа го препознаваат и најчесто луѓето се исто така искрено и топло настроени кон мене.
Има пријателства и дружби, исто како во мојата држава.
Тука луѓето излегуваат на кафе, чај се дружат и запознаваат, тоа го има исто и кај нас во Пакистан.

Кои навики на Македонците ти се најинтересни?
Како навика би ја издвоил таа дека тука после работа имам време да одам да се дружам со луѓето надвор и дека народот тука има навика за редовни дружења.
Кое ти е омиленото место во Македонија?
Омилено место во Македонија ми е кањонот Матка во Скопје.

Колку често се враќаш дома? Дали некој од твоето семејство те посетил во Македонија?
Откако сум во Македонија, односно откако сум надвор од мојот дом, само еднаш ја имам посетено мојата држава и фамилија во 2022 година.
Членовите од моето семејство за сега сè уште не дошле во Македонија.
Колку ти беше тежок македонскиот јазик за учење?
Јазикот воопшто не ми беше тежок за учење, веројатно бидејќи знам да зборувам и доста други посложени јазици. Го совладав многу брзо македонскиот јазик.

