Игор Џамбазов за CRNOBELO: „Докторот што ме оперираше рече дека ќе останев без десната нога над колено - тоа ме освести“
Ако се најдете пред ултиматум - музика или театар, од што би се откажале (едно мора да изберете)...
Не би се откажало од ништо, сериозно.
Мора, ултиматумот вика дека мора да изберете едно...
Пааа... сепак би се откажал од музиката, затоа што јас сум дипломиран актер и ќе бидам актер дури сум жив.
Дали ќе бидам музичар дури сум жив, не сум сигурен, оти на 63 години, ги издржувам сега концертите и два и пол и три часа, а многу се давам себеси за време на концертите и не верувам дека тоа ќе трае баш уште многу.
Веќе 10 и повеќе години седам на едно шанк столче и секогаш кажувам дека кога имав 30 години, скокав по сцената. Мик Џегер имаше 50 години и он скокаше. Сега јас имам 63, и едвај седам на ова шанк столче, а он има 83, уште рипа.

Ако можете да направите барем еден поинаков животен избор, што би било тоа?
Јас во еден момент почнав да се сомневам во тоа дали сум добар студент по глума, а подоцна и дали сум добар актер.
Јас бев и сè уште сум заљубен во психологијата. Ние имавме и предмет на Факултетот за драмски уметности во 3. и 4. година што се викаше Психологија на театарот, начин како да ги анализираш ликовите кои ги играш, особено ако е од руските класици, каде што обично еден е болен од шизофренија, другиот има тешката болест, третиот има не знам што.
Додека студирав на ФДУ јас одев „на диво“ на предавања по психологија. Јас да сакав, можев да завршам вонредно психологија, затоа што предметите беа исти на сите факултети, само овие стручните беа различни, но јас толку веќе бев влезен во таа проблематика, тоа ме инспирираше мене и мислам дека ми помогна да направам и некои улоги за кои добивав и награди, затоа што бев посветен на тоа.
Да, психологијата многу ми интересираше.
И ден-денес некој ќе ми каже ‘Ех бе Џамбаз, каков психијатар би бил ти’. И драго ми е што луѓе од мојата генерација или малку помлади и сега ми се јавуваат и ме замолуваат ако може да разговарам со нивните деца кои имаат некакви проблеми, кои јас сум ги поминал или надминал.
Им викам дека јас не би требало да го правам тоа, тоа треба да го прави стручно лице.
Многу ми ја ќеф што на 2-3 луѓе, по 20-25 години, кои застраниле многу рано, успеав да им помогнам, а нивните родители се вечно благодарни.

Има едно дете што сега е во Америка и работи за позната софтверска фирма, а беше на дното - неговите родители се откажаа од него, но јас не се откажав. Бев упорен, комуницирав со него, секојдневно му укажував на грешките.
Ете, имало нешто, зашто јас психологијата сум ја сакал и ги почитувам многу тие луѓе што го работат тоа.
Мислам дека една од најодговорните работи е да бидеш стручен на таа тема и да им помагаш луѓето, зашто многу се плашат луѓето да зборуваат за менталното здравје.
Работата е во тоа што луѓето во средини како нашите, малку зачмаени, се плашат да го кажат својот проблем. И драго ми е што постојат кампањи за освестување, дека ако имаш проблем, мора да го пријавиш, не да го криеш под килим, не.
Прво кажи им на најблиските, па они ќе те упатат таму каде што треба, но ако чувствуваш дека нешто не е во ред со тебе многу е едноставно - се распрашуваш кој е за таа работа и одиш кај него за тој да се обиде да ти помогне.
И само така, без никаков страв. Јас да имав страв од доктори, веројатно сега немаше да правиш муабет со мене.
Јас кога првпат во живот почувствував дека нешто се случува со моето здравје, веднаш отидов на лекар. И така си го спасив животот.
Докторот што ме оперираше ми рече дека ако сум закаснел 48 часа, ќе останев без десната нога над колено.
Кога тоа ќе ти го каже некој, сè се менува. И треба да си комплетен идиот да продолжиш со тоа што те довело до таа ситуација. Сè е до главата, дечки.
Има големи глави со мал мозок, има мали главички со голем мозок. Но сè е до главата.

Пред неколку години ви се случи голема љубов... Си посакувате ли после тоа повторно да најдете жена со која би го поминале животот?
Јас сум сега во ситуација која е иста како пред да се појави Илина. Јас сум внук на Петре Прличко, а дедо ми викаше ‘Што е наше, само ќе си дојде’. И јас верувам во тоа.
Така се појави и Илина, во време на короната, кога ти не очекуваш ништо убаво да ти се случи. И штета што тоа не трае повеќе. Ние двајцата уживавме во сето тоа, но има работи во животот преку кои не можеш да поминеш.
Едноставно, можеби разликата во години, скоро 20, беше пресудна, иако не верувам многу во тоа, зашто јас, 20 години постар од неа, почувствував љубов, каква што не сум почувствувал со години. Верувам дека и кај неа се случи истото.
Не сум во потрага по кандидатка, ги викам кандидатки, но верувам дека некоја кандидатка некогаш ќе се јави.
Јас објавив фоторобот на таа што ја замислував. Значи, докторка со две деца, да се полнолетни, да не се зафркаваме со школски прибори.
Зошто докторка, ми викаат? Па за да не ги утнам апчињата, дали беше зеленото сабајле, жолтото навечер или обратно. Евентуално може и аптекарка.

Кој е најнеобичниот подарок што сте го добиле од обожавател?
Сега добив, нема ни пет дена, ми се јавија на Инстаграм, да ми кажат што направиле и дојдоа во Дојран, па седнавме во единственото кафуле таму.
Тие ми донесоа како кутија за на маса, од дрво е направена. И кога ќе ја отвориш кутијата, од десната страна е моја фотографија од концертот во Прилеп (тој е прилепчанец, таа штипјанка, но живеат во Прилеп).
А над неа напишале дел од моите песни, стихови, пораки мои. А од левата страна е едно скршено шише од шток, уништено, така, згазено.
И вака, кога го гледаш подарокот, цел еден живот ко да гледаш. И уште што направие - позади има едно светленце и кога ќе го стиснеш тоа свети како лајт шоу.
А добив и генијален подарок кога бев гостин на концертот на Пеперминт во МКЦ.
Горан Пајак, мојот колега, нарачал едно прекрасно шанк столче за на сцена. Спејс шатл е столчето. И му го кажав тоа, а он кога заврши, ми го предале како трофеј столчето.

И сосема за крај, дали е тешко да се биде Игор Џамбазов?
Видиш, тоа е многу интересно прашање, не верувам дека некој ми го поставил.
Сега е супер. Јас повеќе од 15 години сум растеретен од оние фразаични, глупави проблеми.
Тогаш беше тешко и тоа требаше машки да се издржи. И горд сум на себе, што тоа машки го издржав без големи последици.
Како што гледаш, правиме нормални муабети, јас сум уште активен, имам 10 концерти со бендот ова лето, снимам два филма, настапувам секој ден каде ќе ме викнат.
Уживам. И би сакал сите да уживаат вака јас како уште уживам.
Иако имам 63 години, верувај дека кога е оваа работа во прашање, чувствувам како да имам 36.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Ѓорѓи Грижев, Инстаграм