Љубовната приказна на Жаклина (61) и Ристе (69): „Се венчавме пред 15 години, бевме на кафе, следниот ден се свршивме и отидовме на патување“
- Детали
- понеделник, 29 јуни 2026
„Излеговме на кафе и одеднаш неочекувано тој од неговиот џеб извади билет од туристичка агенција за патување во Прага, Карлови Вари и Виена и ми вели: „За три дена ќе патувам на оваа дестинација, ајде да одам утре во агенција и да патуваме заедно, ти како моја жена. Јас се сложив - реков ДА“. Следниот ден се свршивме“, вели Жаклина Павловска Василева (61) од Скопје за љубовта со Ристе Василев (69) од Штип.

Жаклина Павловска Василева (61) од Скопје, која на шега себеси често се нарекува жена пред пензија и нејзиниот сопруг Ристе Василев (69) од Штип, кој веќе 5 години ужива во пензионерските денови, се во брак веќе 15 години и постојано патуваат.

Жаклина вели:
„Стапивме во брак на стари години, како што милувам јас да кажам. Јас имав 46 години, а тој 54 години кога формиравме брачна заедница.
Бракот беше склучен со сите нишани, веридба, регистрација и свадба.

Јас родена скопјанка, тој од Штип. Животот ме донесе во неговиот град со намера дека тука ќе поминам само една година со мојот внук д-р Кристијан Ристовски.
Но, Господ изгледа имал друг план за мене“.

Жаклина ја споделува нивната љубовна приказна за CRNOBELO.com:
„Се запознавме во Берово на 28 Август (Голема Богородица) случајно тој со негови пријатели, јас со моето семејство, сестра ми, внуците, родителите. Обична средба, уште пообично запознавање.
Но, времето покажа дека тоа било судбина.

После неколку обиди од негова страна преку заеднички познаници конечно остваривме средба на 04.10.2011.

Кафе муабетот на кој излегов се претвори во животна одлука. Неколку часа разговаравме за себе, своите судбини, зошто сме со неоформени семејства и секако за своите постигнувања.
Разговорот течеше најискрено со отворени карти.

Одеднаш неочекувано за мене, тој од неговиот џеб извади билет од туристичка агенција за патување во Прага, Карлови Вари и Виена и ми вели: „За три дена ќе патувам на оваа дестинација, ајде да одам утре во агенција и да патуваме заедно, ти како моја жена. Јас се сложив - реков ДА“.

Веридбата ја организиравме турбо утредента на 05.10.2011 година во хотел Изгрев во Штип.
Со прстенот на истиот ден ме запроси пред моите родители, најблиското семејство и најблиските пријатели.
