Горан Алексов, инструктор за управување со дронови: „Бев на обука во Израел преку специјалните единици на АРМ, сè започна оттаму“
- Детали
- недела, 28 јуни 2026
„Како најинтересен момент во обуките би го издвоил случајот кога примив повик од мој ученик кој бараше помош затоа што неговиот дрон успеал да се закачи на палма висока околу 20 метри при голема брзина во Грција“, вели Горан Алексов (52) oд Велес, инструктор за обука и едукација на пилоти на дронови и споделува интересни детали за професијата.

Горан Алексов (52) oд Велес е пензионер од МВР, а моментално работи како главен инструктор за обука и едукација на пилоти на дронови во ДронИнспект, тренинг центар овластен од АЦВ на РМ.
Тој вели дека најважно од сè е секој пилот на дрон да помине практична обука, плус ни сподели какви интересни случки има од терен.
Горан споделува детали за професијата за CRNOBELO.com:
Како започна твојата приказна со дронови? Што точно значи да бидеш инструктор за управување со дрон?
Почетокот со воздухоплови без екипаж започна далечната 2007 година, кога бев испратен на обука во Израел од страна на специјалните единици на АРМ, а подоцна, по моето преминување во специјалните единици на полицијата, повторно поминав соодветна обука во Израел неколкупати.

По завршувањето на мојата кариера одлучив да формирам своја фирма и тренинг центар за обука и едукација на пилоти на дронови во согласност со законските регулативи на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија.
По добивањето на решенијата за работа во посебна категорија и дозвола за обука на пилоти на дронови во отворена и посебна (Specific) категорија, продолжи мојот сон како главен инструктор со положени А1, А2, А3 (подкатегории во отворената категорија) и STS-01 и STS-02 (Specific категорија).

Што е најопасната ситуација што ти се случила со дрон?
Секогаш постојат одредени несакани моменти, но и моменти кои нема да се заборават во позитивна смисла.
Како најопасни би ги издвоил моментите кога изгубивме беспилотно летало, но не по вина на пилотот, туку поради техничка грешка (разлика на висината добиена од GPS и барометар), како и случај кога далечинскиот пилот заборавил да постави осигурувач на крилото, по што истото при полетување изгубило висина и паднало.

Имаш ли некоја интересна приказна?
Како најинтересен момент би го издвоил случајот кога примив повик од мој ученик кој бараше помош затоа што неговиот дрон успеал да се закачи на палма висока околу 20 метри при голема брзина во Грција.

Има ли заинтересираност за ваквиот тип на обуки?
Денес имаме сè повеќе побарувања за обука, продажба на дронови од програмата на DJI, вршење на снимања на разни настани и многу други услуги.

Искрено, професијата дрон-пилот е сè повеќе барана и кај нас и пошироко, па би ја нарекол професија на иднината.
Како припадник на воено-полициските единици, искуството е големо и верувам дека можеме да понудиме многу во различни области, во зависност од кандидатот и неговата професија.

Која е најопасна ситуација при летање дрон?
Најопасна ситуација е кога се лета во близина на луѓе, затоа што од технички аспект никогаш не знаете кога би можело нешто да се случи.
