Маја Ристова, адвокат, за CRNOBELO: „Родителот МОРА да сноси одговорност за своето дете насилник - постои кривично дело“
- Детали
- петок, 03 јули 2026
„Кога детето врши насилство, тоа е показател дека родителот не ја исполнил својата должност да го воспитува, насочува и надгледува. Во нашето законодавство постои кривичното дело „Запуштање и малтретирање на дете“, кое предвидува одговорност за родител што ги запуштил своите родителски обврски“, вели адвокатката Маја Ристова за CRNOBELO.com. Таа додава: „Кога ќе престанеме да велиме ‘деца се’? Неказнивоста создава насилници!“

Адвокатката Маја Ристова е магистер по право, основач на Адвокатска канцеларија „Ристова“. Препознатлива по борбата на заштита од вознемирување на работното место, борец за женски права и гласноговорник против неправдите, а во последно време е активна и во случаите со врсничко насилство.
По згрозувачкото видео на кое девојче од Скопје е малтретирано, а другите само снимаат и навиваат, ја прашавме Маја каде грешиме како родители и зошто сè почесто се соочуваме со вакви случки.

Адвокатката Маја Ристова за CRNOBELO.com споделува:
Постоеше и порано врсничко насилство, зарем не? Но, што е разликата денес?
Врсничкото насилство не е нова појава. Постоело и многу пред интернетот и социјалните мрежи, но јас лично имам впечаток дека денес насилството помеѓу децата се случува почесто и поинтензивно.
Пред социјалните мрежи, насилството најчесто се случувало во училиште, на улица или во маало.
Имало навредување, туркање, тепачки, исклучување од друштво и озборувања.
Разликата е што не било толку зачестено, а и тогаш не се снимало или јавно споделувало, па многу случаи останувале непознати.
Но, независно од ова, сметам дека денес има и други фактори што придонесуваат проблемот да се продлабочува.
Социјалните мрежи овозможуваат насилството да продолжи и по завршувањето на училишниот ден, а снимањето со телефони прави насилствата брзо да станат видливи за јавноста.
Истовремено, за зачестеното насилство можно е да влијаат и општествени промени - на децата често им се поставуваат помалку јасни граници, авторитетот на родителите и наставниците е намален, а понекогаш од страв да не се повредат нивните чувства, се избегнуваат и соодветни реакции за неприфатливото однесување.

Каде грешат родителите?
Една од најчестите родителски грешки е што, од желба да му го олеснат животот на своето дете, не му поставуваат јасни граници и не го учат дека секое однесување има одговорност.
Кога детето не сноси последици за своето однесување или кога секогаш некој го оправдува, тоа потешко учи што е прифатливо, а што не.
Друга честа грешка е слабеењето на авторитетот. Кога родителите не се доследни во правилата, кога избегнуваат да кажат „не“ или постојано попуштаат за да избегнат конфликт, детето може да добие впечаток дека сè му е дозволено.
Исто така, важно е децата да учат емпатија и почит уште од најрана возраст.
Ако дома не гледаат пример за почитување на другите, преземање одговорност и извинување кога ќе згрешат, потешко ќе ги развијат тие вредности.
Секако, одговорноста не е само кај родителите. Воспитувањето е заедничка задача на семејството, училиштето и општеството. Но, семејството е местото каде што детето првпат учи што значат граници, почит и одговорност.

Каде е проблемот? Зошто врсничкото насилство е сè почесто?
Освен родителските грешки, би кажала и дека во овие случаи институциите често не реагираат навреме или изрекуваат благи мерки кои немаат воспитен ефект.
Кога по извршено насилство нема соодветна реакција, кога случаите се минимизираат или завршуваат само со разговор или укор, кај детето се создава чувство дека нема да сноси вистински последици за своето однесување.
Само со навремено постапување, соодветни мерки и доследна примена на законите може да се испрати јасна порака дека врсничкото насилство нема да се толерира.
Во спротивно, неказнивоста станува поттик насилството да се повторува.

Дали и родителите на детето насилник треба да одговараат?
Да, родителот треба да сноси одговорност. Родителската грижа не е само право, туку и законска обврска.
Кога детето врши насилство, тоа е показател дека родителот не ја исполнил својата должност да го воспитува, насочува и надгледува.
Во нашето законодавство постои кривичното дело „Запуштање и малтретирање на дете“, кое предвидува одговорност за родител што ги запуштил своите родителски обврски.
Меѓутоа, во практиката ова кривично дело речиси и не се применува во случаи на врсничко насилство, а не постои ниту друго кривично дело што ја уредува одговорноста на родителот во вакви ситуации.
Така, иако законски постои основ за одговорност, таа многу ретко се реализира во пракса, па законската одредба останува само на хартија.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело