Костадин Захов, наш голман со страст за кафе: „Сум возел и стотина километри за добро кафе - најлошото го пиев во Италија“
- Детали
- петок, 10 јули 2026
„Кафе пијам каде било ако ми е приоритет друштвото со коешто сум, но ако сум сам, тогаш можам да возам и стотина километри да испијам кафе какво што ми се допаѓа“, вели Костадин, кој има и посебен домашен ритуал за подготовка на кафе.

Поранешниот голман, Костадин Захов (38), кој во својата долга професионална кариера бранеше и за нашата фудбалска репрезентација и за десетина клубови, меѓу пријателите, но и оние што го следат на социјалните мрежи, е познат како голем љубител на кафето.

Неговата страст за голтка добро кафе е толку голема, што постојано истражува нови вкусови.

Дома има посебен ритуал за подготовка на омилениот пијалак, а од неодамна и самиот произведува свое кафе, cold brew, кое може да се најде во неколку кафулиња низ земјава.
„Кафето го правам во керамички филтер под агол од 60 степени, и затоа се вика V60. Во него се става хартиен филтер за една употреба.
Мелам рачно 20 грама кафе. Водата зоврива и чекам да падне температура на околу 93 степени, а потоа со посебна техника, водата бавно се истура врз тазе меленото кафе, во времетрање од околу 3 минути и тогаш постапката е готова“, вели тој.

За својата љубов кон кафето, Костадин, раскажа во разговорот за CRNOBELO.com:
„Љубовта кон кафето се разви некоја година пред короната. Почна да ме интересира како се прави кафето, каде расте, како се преработува итн., а со тоа и како да пијам подобро кафе.
Најмногу ми се допаѓа кафе што има малку киселкаст вкус, зачинет со природни ароми.

Нормално дека не секогаш го барам тоа, зависи од тоа каде се наоѓам и колку време имам.
Кафе пијам каде било ако ми е приоритет друштвото, но ако сум сам тогаш можам да возам и стотина километри да испијам кафе какво што ми се допаѓа.

Морам да признаам дека не си дозволувам да го оценувам кафето затоа што мислам дека не сум навлегол доволно во таа бранша.
Но, понекогаш, кога не ми се допаѓа кафето што ми го донеле, не го допивам и мислам дека тоа е сосема во ред.
