Рита Ора за CRNOBELO: „Понекогаш размислувам каков би ми бил животот да останев на Балканот, а сопругот секој ден успева да ме насмее“
- Детали
- четврток, 16 јули 2026
„Кога сум дома, сум прилично опуштена, и обожавам пријателите и семејството да ми се на гости. Речиси секогаш има музика, подготвуваме коктели и танцуваме многу низ кујната“, вели Рита Ора, пејачката родена во Приштина, во интервју за CRNOBELO.com, и со нас сподели дел од својата приватност.

Светската ѕвезда Рита Ора на 1 август ќе одржи голем концерт на „Билјанини извори“ во Охрид.
Ова ќе биде прво гостување кај нас на пејачката родена во Приштина, ѕвездата која ги испеа Anywhere, I Will Never Let You Down, How We Do (Party), Praising You...

Рита, пак, меѓу бројните обврски, настапи, снимања и патувања, одвои време за интервју за CRNOBELO.com.
Разговаравме и за нејзината кариера, и за нејзиниот приватен живот, но и за бракот со познатиот режисер Таика Ваитити, за кого ни кажа дека секојдневно успева да ја насмее и токму тоа го сака најмногу кај него.

За тоа каква е дома, што би ги изненадило луѓето, а е поврзано со неа, но и за вечерите кога со коктел и музика танцува низ кујната, прочитајте во интервјуто:
Дали понекогаш се прашуваш како би изгледал твојот живот доколку останеше да живееш на Балканот? Или не чувствуваш носталгија што те поврзува со овој дел од светот?
Понекогаш навистина размислувам за тоа, затоа што е невозможно човек да не се запраша колку поинаков би ми бил животот доколку моето семејство останеше таму.
Тоа е едно од оние прашања на кои никогаш нема да го дознаеме одговорот.
Но, истовремено, цврсто верувам дека треба да му веруваме на универзумот и на патот што ни е предодреден и по кој треба да одиме.

Неизмерно сум благодарна за одлуката што ја донесе моето семејство да тргне на ново животно патување и за сè што ни овозможи тоа.
Јас секогаш сум го носела своето потекло со себе, без разлика каде и да сум живеела или работела низ светот, па никогаш не сум имала чувство дека сум го оставила зад себе тој дел од животот.
Тоа е голем дел од тоа која сум јас, од мојот идентитет и секогаш ќе остане така.

На кој начин твојот брак со режисерот Таика Ваитити влијаеше на тебе како личност? Какви сте двајцата кога сте далеку од очите на јавноста? И што е она што најмногу ти се допаѓа кај твојот сопруг?
Мислам дека и двајцата си помогнавме еден на друг повеќе да уживаме во животот и да не ги сфаќаме работите премногу сериозно.
Тој неизмерно ја поддржува мојата работа, а особено ми се допаѓа што можеме и креативно да соработуваме.

Таика режираше неколку мои музички спотови и ние постојано разговараме за нови идеи и проекти на кои би можеле да работиме заедно.
И двајцата имаме навистина динамични кариери, многу обврски, па токму затоа најмногу ги цениме едноставните моменти кога сме заедно.
