„Научете го детето прво да јаде само и да се облекува, а потоа да зборува англиски и забранете YouTube“ - интервју со Симона В. Николовска, логопед

Симона Василеска Николовска е сопруга, мајка на 3 – годишно момче, логопед. Таа има 10 годишно искуство во логопедијата - по дипломирањето на Медицинскиот факутет, работела најпрво со деца во домашни услови, а веќе 4 години поседува својот логопедски кабинет кој ги задоволува сите стандарди и потреби на децата корисници на логопедските услуги.

najgolemi-neprijateli-na-razvojot-na-govorot-kaj-decata-se-tabletite-telefonite-i-tv-intervju-so-simona-v-nikolovska-logoped-01.jpg

Работата е со индивидуален пристап кон секое детенце. Речиси цела година го споделува своето знаење и искуство со сите родители на Инстаграм на профилот @srekjichkaofficial - сѐ со цел да дојде до родителите, што треба а што не треба да прават, на што треба да обрнат внимание, кога е право време да реагираат.

Со Симона поразговаравме за најчестите теми кои ги мачат денешните родители - кога треба детето да прозбори, како да се поттикне говорот, што да се направи во случај на пелтечење, како да се помогне во изговор на тешките вокали „Р“, „С“ и сл., колку е важно раното читање и раскажување приказни.

Кога треба да се посети логопед? Кое е вистинското време кога родителите треба да бидат загрижени за своето дете и да го донесат кај вас?

Родителите често ми се обраќаат со различни прашања, но на крајот од секое прашање стои „Има ли место за паника?“. Сметам дека ниту една состојба на детето не би требало да ги доведе родителите во состојба на паника. Секогаш велам, дека место за паника нема, но за претпазливост и реакција, да.

Постојат некои норми, оквири кои ни даваат јасна слика за тоа како треба детето да се развива, ни даваат една слика за она што треба да се очекува како достигнување во развојот кај детето во одредена возраст.

Мојата препорака е родителите, веднаш штом ќе забележат некаква отстапка во развојот на нивното детенце, тоа би било околу 12-13 месеци, да се обратат кај логопед на консултација, па тој ќе процени дали има потреба од логотерапија кај детето или само ќе бидат дадени совети и насоки, за стимулација на детето.

Честопати родителите чекаат детето да порасне, да направи 2 или 3 години па тогаш да превземаат мерки, што е доста погрешно, од причина што се губи драгоцено време, време во кое можело да се постигнат многу позитивни резултати и детето да го достигне нивото на развој на своите врсници.

На Инстаграм профилот на Среќичка, често се објавуваат постови, кои им укажуваат и ги едуцираат родителите за развојот на говорот кај децата, па ова нека биде еден повик до сите родители да нѐ заследат и да научат нешто повеќе за развојот на говорот кај своите деца. 

najgolemi-neprijateli-na-razvojot-na-govorot-kaj-decata-se-tabletite-telefonite-i-tv-intervju-so-simona-v-nikolovska-logoped01.JPG

Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат родителите кај нас и прашањата кои најчесто ги мачат?

Покрај артикулативните потешкотии (за изговор на гласовите), најчестиот проблем за кој ми се обраќаат родителите е, доцното прозборување или отсуството на говор кај нивните 2 -3 годишни деца.

Кои се најголемите непријатели на говорот?

Најголемите непријатели или штетници кои не дозволуваат физиолошки развој на говорот се гаџетите (ТВ, таблети, телефони) кои нудат еднонасочна комуникација, не дозволуваат детето да почувствува потреба да возврати и да има соодветна вербална комуникација.

Нив ги издвојувам од причина што и покрај сите апели од страна на терапевтите, непречено и упорно им се нудат на децата. Сосема ги разбирам родителите, живееме во една нова ера на технологија и сите сме засегнати од неа, од најмало до највозрасно. Пребрзиот развој на технологијата не е во склад со еволутивниот развој на човековиот мозок, па затоа и настануваат овие проблеми кај децата.

najgolemi-neprijateli-na-razvojot-na-govorot-kaj-decata-se-tabletite-telefonite-i-tv-intervju-so-simona-v-nikolovska-logoped01.jpeg

Голем број на професионалци апелираат дека е важно децата да бидат соодветно стимулирани, онака како што ние како деца сме биле, со тридимензионална игра, со скокање по кревети, со трчање, со растење во дворови, со топка, возење велосипед, валкање во песок и кал.

На детето на кое му нудите таблет и цртани, му го ускратувате правото на соодветен развој, и тоа наместо да ги усовршува вештините и да го развива мозокот, заробен е во светот на цртаните. Па се јавуваат сензорни, моторни и други развојни проблеми кои се во директна корелација со развојот на говорно – јазичните вештини.

Кога всушност децата треба да прозборуваат? Како да се стимулира зборувањето кај дечињата?

Бебето треба да биде стимулирано од првиот ден на раѓањето. Но, не со пуштање на цртани и песнички на странски јазик. Туку со говор, со пеење на ритмични и песни со рима.

Родителите во почетокот се во заблуда, сметајќи дека детето, односно бебето е мало и ништо не разбира, но верувајте бебињата слушаат и препознаваат гласови, па благодарение на таа комуникација подоцна околу вториот и третиот месец почнува да комуницира со гугање, смешкање, пискање.

Ќе споменам само еден пример, за да бидат нештата појасни.

naucete-go-deteto-prvo-da-jade-samo-i-da-se-oblekuva-a-potoa-da-zboruva-angliski-i-zabranete-youtube-intervju-so-simona-v-nikolovska-logoped01_1.jpg

Бебињата со оштетен слух, подоцна почнуваат да гугаат од причина што звучната дразба и таа говорна стимулација не допира до нив, како би можеле да вратат со гугање. Подоцна доаѓа периодот на воведување на немлечната исхрана, па родителите се ставени пред уште еден тест. Детето одбива да јаде, па се соочуваат со предизвикот на пуштање на цртани. Во такви случаи (кои се многу чести), детето ја користи ситуацијата и многу итро почнува да го манипулира родителот.
Не отвора уста ако не му пуштите цртани, а тој во безизлезна ситуација сака само да го нахрани детето и така сите стануваат краткотрајно среќни, не размислувајќи за штетата и последиците кои ги носат со себе овие постапки. 
Детето почнува да го имитира однесувањето на ликовите, говорот отсуствува на 12- 13м, дури и на 18 месеци детето комуницира со мимики, гестови или само испуштање на звуци.

Деца кои живеат во билингвални семејства, Македонци во странство – децата често прозборуваат подоцна, мешаат јазици, го помнат само едниот јазик... како да се справат родителите со ова? Што е најпаметен потег?

Билингвалноста сама по себе, не дава доцнење на говорот повеќе од 2-3-4 месеци и од она што се норми. Кај дечињата со типичен развој и развој на говор, присуството на два или повеќе јазици со соодветна стимулација не претставува проблем.

Овие дечиња имаат потреба само да ги „преработат“ јазиците пред да почнат со зборување. Препораката е доколку се забележи отсуство на говор или потешкотија во совладување на јазиците, да се ограничи комуникацијата дома на еден јазик, додека надвор од дома, детето да слуша странски јазик.

Во почетокот детето може да прави комбинација од двата јазика во комуникацијата, што е сосема нормално и очекувано и не треба да ги загрижува родителите. Секогаш правилната стимулација, дава позитивни резултати.

najgolemi-neprijateli-na-razvojot-na-govorot-kaj-decata-se-tabletite-telefonite-i-tv-intervju-so-simona-v-nikolovska-logoped-04.jpg

Кој е најдобриот совет кој може да го добијат родителите за првите две години од животот на детето?

Прво нешто кое треба да се запази е говорниот модел. Тоа значи дека родителот треба да му биде соодветен пример на детето, од причина што децата учат по пат на имитација. Па го имитираат родителот во движења, постапки, однесување и секако говорењето.

naucete-go-deteto-prvo-da-jade-samo-i-da-se-oblekuva-a-potoa-da-zboruva-angliski-i-zabranete-youtube-intervju-so-simona-v-nikolovska-logoped01.jpg

Говорот на родителот треба да биде, јасен, чист, доволно бавен за да може детето да слушне што му се зборува. Да се трудат да избегнат колку може повеќе употреба на гаџети, пуштање на цртани на странски јазик и да се забрани пристап до Youtube. Да му овозможат на детето стимулативна средина, здрава исхрана богата со здрави масти, протеини, богата со Омега-3 Омега-6 масни киселини, средина каде детето ќе биде опкружено со љубов, ирачки кои соодветствуваат на возраста на детето. Чист воздух, прошетки, игра на отворен простор. Верувајте дека нема подобра сензорна игра од играта во природа.

Честопати среќаваме деца кои на 2-ипол – 3 години зборуваат англиски јазик подобро од македонски иако живеат тука. Ова најчесто е резултат на гледањето тв со програма на англиски јазик и песнички на англиски јазик. Како се одразува ова врз детето?

За жал ваквите случаи се сѐ почести, како резултат на грешките што родителите ги прават како што кажав погоре, се случува детето да не го ни разбира мајчиниот јазик, а комуникацијата да му е пасивна со употреба на англиски јазик. Тие деца го користат јазикот и говорот кои го говорат цртаните ликови.

Мајчиниот јазик може да не се препознава и да не се разбира, детето е отсутно и во светот на цртаните, се соочува со моторни и сензорни потешкотии. Други пак зборуваат англиски, зборуваат и на мајчин јазик, но, граматиката интонацијата и акцентот се на англиски јазик, па звучат како странец кога зборува лошо македонски јазик.

За влијанието на цуцлата лажливка врз говорот, читањето книги од рано детство и родителите кои форсираат зборување, читање, пишување зборуваме на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Игор Стефановски - Иџе за татковството: „Никогаш не сум бил на родителска, ќерката повеќе личи на ме... „Со синот Олег разговарам отворено за сè и тоа ме радува. Неизбежно е на ти...
Љубовната приказна на Симона и Кристијан: „Се венчавме во манастирот Бигорски, направивме свадба во ... „Црковното венчавање го направивме пред една година во манастирот Бигорски,...
„Децата од нашата градинка секој ден се надвор, пешачат, играат и на дожд и во кал“: Интервју со Јас... „Во нашата градинка, децата секојдневно поминуваат 3 до 5 часа надвор. Ние верув...
Педијатар специјалист Звезда Спасовска: „Детето треба да става играчки во уста за имунитет, лекови з... „Покачената температура е еден од најчестите симптоми кај децата кога се болни. ...
Данче Антовска: „Најголемиот шок ни беше кога докторката ни соопшти дека ќерка ни Анастасија има цис... „Анастасија растеше и напредуваше нормално. Еден месец пред да ја дијагностицира...
„Најчесто алергиите кај децата се манифестираат како атописки дерматит“: Д-р Татјана Б. Вучковиќ, пе... „Загадениот воздух придонесува за поизразени или потешки клинички симптоми при а...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg