Данче Антовска: „Најголемиот шок ни беше кога докторката ни соопшти дека ќерка ни Анастасија има цистична фиброза“

„Анастасија растеше и напредуваше нормално. Еден месец пред да ја дијагностицираат времето беше прилично топло, а Анастасија многу се потеше. На нејзиното чело буквално ѝ се појавуваа кристали од сол. Кога ќе ја бакнев имаше солен бакнеж...“, ја започнува приказната Данче Антовска (45) од Прилеп за својата ќерка борец за CRNOBELO.com.

danche-antovska-najgolemiot-shok-ni-beshe-koga-doktorkata-ni-soopshti-deka-kjerka-ni-anastasija-ima-cistichna-fibroza-01.jpg

Данче Антовска (45) од Прилеп, по професија медицинска сестра, во брак е со Сашко Антовски и во животот најгорда е на улогата мајка на нејзините две деца, Анастасија (13) и Гаврил (3).

Но, вели дека најтешкиот миг во животот го доживеала токму со Анастасија кога на само 3-месечна возраст ѝ била дијагностицирана болеста цистична фиброза.

За CRNOBELO.com Данче искрено говори за нивната животна битка:

Дали на Анастасија ѝ беше дијагностицирана цистична фиброза веднаш по самото раѓање? Како и кога се прави овој тест?

На Анастасија цистична фиброза ѝ беше дијагностицирана на тримесечна возраст.

Во 2010 година, кога таа се роди, немаше неонатален скриниг за цистична фиброза, тој е воведен во 2019 година. Неонаталниот скрининг се прави веднаш по раѓањето за рано откривање на генетски болести, меѓу кои е и цистична фиброза.

danche-antovska-najgolemiot-shok-ni-beshe-koga-doktorkata-ni-soopshti-deka-kjerka-ni-anastasija-ima-cistichna-fibroza-05.jpg

Кога ја слушнавте оваа дијагноза – како реагиравте? Имавте ли слушнато претходно нешто за неа?

Најголемиот шок што го имаме доживеано беше кога докторката ни ја соопшти веста дека Анастасија има цистична фиброза.

Мислам дека во моментот не можевме да изустиме ни еден збор, само солзи течеа по нашите лица. Претходно никогаш немавме слушнато за ЦФ.

danche-antovska-najgolemiot-shok-ni-beshe-koga-doktorkata-ni-soopshti-deka-kjerka-ni-anastasija-ima-cistichna-fibroza-02.jpg

Какви симптоми имаше Анастасија веднаш по раѓањето, кои се резултат на оваа болест? Или се јавија подоцна? Кога првпат забележавте?

Анастасија растеше и напредуваше нормално.

Еден месец пред да ја дијагностицираат времето беше прилично топло, а Анастасија многу се потеше. На нејзиното чело буквално ѝ се појавуваа кристали од сол. Кога ќе ја бакнев имаше солен бакнеж.

Од љубопитност отворив на интернет и веднаш по впишувањето на солен бакнеж ми излезе информација за болеста цистична фиброза.

Прво нешто што ми падна во очи беше краткиот животен век. Се скаменив.

Продолжив да читам и забележав и друг симптом кој го имаше Анастасија, а тоа беа чести, течни и масни столици. Не можев да спијам мирно, се консултиравме со многу доктори, кои ни кажуваа и нè убедуваа дека детето е во ред, здраво и нормално се развива.

Стапив во контакт со докторка од Детска Клиника која нè упати кај Д-р Фуштиќ во Детска Клиника - Оддел за цистична фиброза.

Веднаш ѝ беше направен потен тест и други анализи. За жал, вредностите беа високи, тестот беше позитивен.

Нè хоспитализираа, почнаа со соодветна терапија и испратија крв до МАНУ од тројцата за да се потврди дијагнозата.

danche-antovska-najgolemiot-shok-ni-beshe-koga-doktorkata-ni-soopshti-deka-kjerka-ni-anastasija-ima-cistichna-fibroza-03.jpg

Како се справивте со шокот? Што направивте прво? Како се информиравте околу понатамошните чекори?

На денот на дијагностицирање бевме хоспитализирани, почнаа со терапија, докторката и медицинскиот персонал ме обучуваа секојдневно за сè што треба да правиме кога ќе стигнеме дома.

Оттогаш до ден денес, водич ми се зборовите од докторката дека редовните инхалации, редовните вежби, навременото и правилно земање на терапија, правилната исхрана и дисциплина ќе придонесат за пролонгирање на прогресот на болеста.

Тешки ни беа првите две години, за дијагнозата знаеше само нашиот најблизок круг. Сè се промени кога ја запознавме Ивана Aтанасоска, пациентка со ЦФ, и нејзините родители, кои се толку многу позитивни и кои ни вродија голема надеж и сила.

После тоа почнавме да комуницираме со други родители и пациенти и веќе стануваше полесно, бидејќи товарот го делевме со некој друг.

danche-antovska-najgolemiot-shok-ni-beshe-koga-doktorkata-ni-soopshti-deka-kjerka-ni-anastasija-ima-cistichna-fibroza-08.jpg

Колку ја чувате Анастасија изолирана од други дечиња? Оди ли на училиште, настани, спортува ли?

Ако ви кажам дека оваа година за првпат во тринаесет години Анастасија направи прослава за својот роденден со своите другари, веднаш ќе ви стане јасно дека ја чуваме многу.

Избегнуваме посебно во зимски период кога владеат вируси и настинки да престојува во затворен простор со повеќе лица.

Многупати била спречена да оди на екскурзии, на роденденски забави и други настани.

Особено тежок беше ковид периодот, кога Анастасија беше единственото дете во класот што посетуваше онлајн настава. Скоро секој ден ме прашуваше што ако нејзините соученици не ја прифатат дека има цистична фиброза, дали ќе сакаат да се дружат со неа.

Прашањата завршија на денот од нејзиниот единаесетти роденден, кога нејзината класна раководителка заедно со целиот клас ѝ направија огромно изненадување и се појавија под нашиот балкон и во еден глас и ѝ честитаа роденден. Вакви моменти се незаборавни и ѝ помагаат да заборави на болеста и на тоа дека е поразлична од другите.

Анастасија е многу активна, тренира тенис, рекреативно трча и тоа многу ѝ помага да биде во добра состојба.

danche-antovska-najgolemiot-shok-ni-beshe-koga-doktorkata-ni-soopshti-deka-kjerka-ni-anastasija-ima-cistichna-fibroza-04.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Ана Павловска – мастер за изработка на нокти: „Не треба да се прави пауза од правење нокти, не пречи... „Формата на нокти се прави според изгледот на раката и прстите, неумешните техни...
Бојан Велевски, стенд-ап комичар: „Сопругата не можам да ја ‘омекнам' со шега кога ми е лута, во Коч... „Тие генерации што израснавме во тоа време, со 'Наше маало', 'Големи и мали', зн...
Кога љубовта не познава граници: Приказните на две балканско-бразилски семејства За CRNOBELO.com, две сопруги раскажуваат како е да се биде во интернационален бр...
Битолчанката Тања изработува ремек-дела од срмен конец: „Тешко го совладав филигранот, сум направила... „На почетокот ми беше доста тешко додека ја научам филигран техниката, бидејќи н...
Марија од Скопје е криминалист и пишува трилери: „Истражував мапи и дејство на отрови за романите д... „Со романот „Сенки во подземјето“ наидов на игнорирање од страна на две издавачк...
Бобан Пешов речиси 30 години живее во Италија: „Тука сум пораснат, во Македонија повеќе се чувствува... Бобан Пешов (36), по потекло од село Трсино, Виница, се преселил во Италија со с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg