Ангела Сибиновска, припадник на македонската Армија: „Униформа носам од 18 години, во Авганистан ми недостасуваше семејството и храната“

„Кога му кажав на татко ми дека ќе служам воен рок, прво занеме, а потоа ми кажа трикови од војска... На мисијата во Авганистан најтешко ми беше да се навикнам на ограничениот простор за движење и на храната која не беше како домашната“ – Ангела Сибиновска од Тетово за CRNOBELO.com раскажува како е да се биде жена војник.

angela-sibinobska-pripadnik-na-armija-na-republika-severna-makedonija-koga-prv-pat-ja-oblekov-uniformata-na-nasata-armija-toa-ja-zacvrsti-odlukata-da-prodolzam-so-voenata-sluzba_9.jpg

Ретко младите девојчиња сонуваат да бидат војници, но тоа не е случај и за Ангела Сибиновска од Тетово, која е припадник на Армија на Република Северна Македонија. Таа 8 години има тренирано карате и стекнато црн појас, а веќе со години наназад е припадник и на Баталјонот на Воената полиција.

Во продолжение следува разговор со Ангела Сибиновска која за CRNOBELO.com раскажува како е да се биде војник и ги споделува искуствата од мисијата во Авганистан.

Кога за првпат ја облече униформата на Армијата на Република Северна Македонија?

Ретко младите девојчиња сонуваат да бидат војници кога ќе пораснат, но тоа не беше случајот и за мене.

Кога ќе го вратам сеќавањето наназад ми текнува на моменталната одлука која ја донесов за да се пријавам за доброволно служење на воен рок на крајот на средношколските денови.

Кога на 18-годишна возраст за првпат ја облеков униформата на нашата Армија и го отслужив воениот рок во Велес, тоа уште повеќе ја зацврсти мојата определба да продолжам со воената служба, што подоцна и го сторив со конкурирање и прием во професионалниот состав на Армијата.

angela sibinobska pripadnik na armija na republika severna makedonija koga prv pat ja oblekov uniformata na nasata armija toa ja zacvrsti odlukata da prodolzam so voenata sluzba 7

Како луѓето околу тебе реагирале кога како млада јасно си зборувала дека сакаш да станеш војник кога ќе пораснеш?

Морам да кажам дека иако делуваше како чудна одлука, наидов на поддршка од моите најблиски. Несомнено, во нашето општество сè уште владеат стереотипите дека Армијата е машка професија, но јас покажав во многу ситуации дека жените се на исто рамниште со мажите во Армијата.

Меѓу најинтересните реакции можам да ја издвојам таа на татко ми, кој, кога му кажав дека се пријавив за служење на воен рок, занеме во рок од неколку секунди, после што ми рече: „Дојди тато да ти објасни што се работи во војска, како треба да ти бидат здиплени алиштата и како се прави панделка од ќебе за на кревет“.

Тоа беше знак на одобрување, а после тоа следеше смеење.

Кои се најголемите предизвици да се биде жена во Армијата?

Местото каде што работам моментално не дозволува импровизации и наложува стриктно следење на процедурите, па можам да кажам дека секојдневната мисла беспрекорно да се заврши работата без ниту една грешка е доволен предизвик како за жените така и за мажите во Армијата.

Секако, тука е и моето учество во мировната мисија во Авганистан, каде што како единствена жена во нашиот армиски состав од ротацијата која учествуваше во мисијата имав за цел да ја прикажам не само Армијата туку и татковината, и женскиот пол, во најдобро можно светло и со самото тоа да придонесам во разбивање на тие сè уште присутни стереотипи, што мислам дека и тогаш, а и сега го постигнувам.

angela sibinobska pripadnik na armija na republika severna makedonija koga prv pat ja oblekov uniformata na nasata armija toa ja zacvrsti odlukata da prodolzam so voenata sluzba 5

Истрајноста, дисциплината и физичката подготвеност се пресудни за профилот на еден војник, што друго те мотивираше сите овие години за успешно да чекориш по патот по кој си тргнала?

Патот по којшто одам нема крај, па дури и по завршувањето на службата, патот не е завршен бидејќи заклетвата којашто ја имаме дадено нè обврзува за татковината цел живот.

Од таму покрај веќе споменатите особини на армиските припадници кои ги наведувате, како дисциплината и физичката подготвеност произлегува и мојата мотивација со самото тоа што по пат за на работа гледам луѓе раздвижени по улиците кои рано наутро тргнале по своите обврски, растрчани дечиња кои насмеани влегуваат во школските дворови и секое утро го поздравувам знамето во сигурна и мирна татковина, ми е доволна мотивација за сè.

angela sibinobska pripadnik na armija na republika severna makedonija koga prv pat ja oblekov uniformata na nasata armija toa ja zacvrsti odlukata da prodolzam so voenata sluzba 4

Како се случи да заминеш да учествуваш во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан?

По природа сум човек авантурист и човек кој сака да одговара на предизвици и сака да се здобива со нови искуства. Приказната за Авганистан почна по добивање на известувањето за мисијата во мојата единица, од страна на претпоставените бевме информирани за можноста за пријавување и отпочнување на процесот на селекција и одбирање на персонал кој ќе учествува во мисијата.

Првично проверив дали ги исполнувам сите услови кои се побаруваа, па без поголемо размислување веднаш се пријавив.

Неколку недели ни претстоеја исцрпувачки обуки и подготовки, како физички, па така и психички, но желбата за искуства и нешто ново беше појака.

Ги поминав сите потребни селективни подготовки со добра оценка и во декември 2020 година се најдов на воениот авион што полета за Кабул, Авганистан.

angela sibinobska pripadnik na armija na republika severna makedonija koga prv pat ja oblekov uniformata na nasata armija toa ja zacvrsti odlukata da prodolzam so voenata sluzba 3

Кои обврски ги имаше во Авганистан?

Главно поголемиот дел од работата ни беше обезбедување. Под обезбедување можеме да кажеме: обезбедување на лица, обезбедување на важни објекти, обезбедување на возила, ескорт на возила низ база и други поситни различни обврски кој ги извршувавме професионално и беспрекорно во целост и притоа имавме одлична соработка со припадниците од Армиите на другите НАТО држави учеснички во мисијата и така работните обврските и времето ни беше целосно исполнето.

Што се очекуваше од тебе по пристигнувањето во Авганистан?

Покажување на истата професионалност во работата само на многу подалечно место од дома, но и секако место каде кон сите задачи се пристапува со максимална посветеност заради уникатноста на подрачје кое е ризично.

Одговорно извршување на сите задачи и должности кои ни беа зададени со цел да ја покажеме нашата татковина во најдобро можно светло и да го докажеме дека е заслужено нашето членство во НАТО.

angela sibinobska pripadnik na armija na republika severna makedonija koga prv pat ja oblekov uniformata na nasata armija toa ja zacvrsti odlukata da prodolzam so voenata sluzba 1

Оддалеченоста од дома постојано знае да ги оживува спомените, што најмногу ти недостигаше тој период?

Дефинитивно моите дома. Многу сме поврзани сите помеѓу себе и тоа ми паѓаше најтешко во поголемиот дел од времето поминато таму, а посебно за време на празниците. И се разбира домашната храна.

На што ти беше најтешко да се навикнеш?

Монотоноста и ограничениот простор на движење. Ми требаше долго време да се навикнам. А да, и храната. Иако имаше разновидност, тежнеев по домашната храна кои моите ја спремаат секојдневно за ручек: гравче, полнети пиперки, баклава и итн.

Се соочи ли со некои опасни ситуации?

Тука ќе бидам кратка и нема да зборувам во детали, но со оглед на тоа што бев во периодот кога војската на САД, но и останатите земји учеснички вклучувајќи нè и нас, а согласно донесените одлуки на НАТО отпочнаа со активностите за повлекување, мислам дека со јавно достапните информации ќе ви се претстави ситуацијата доволно јасно во однос на сериозноста со која се пристапуваше во однос на безбедносните можни предизвици.

Како го поминуваше слободното време?

Пред сè долги разговори со моите дома. Читање на книги и добар дел од времето го поминав во спортување каде што условите за спорт во базата беа на многу високо ниво.

Имав можност да тренирам со професионални војници од различни делови на светот, да споделуваме искуства за нашите земји и култури и да се поддржуваме во целиот период минат таму.

angela sibinobska pripadnik na armija na republika severna makedonija koga prv pat ja oblekov uniformata na nasata armija toa ja zacvrsti odlukata da prodolzam so voenata sluzba 6

Тука може да го завршиме разговорот, на што те научи учеството во мисијата во Авганистан?

Се вратив психички посилна или слободно можам да кажам една нова личност каде не се гледа повеќе малото девојче туку една јака изградена личност која на секој нареден предизвик ќе гледа со леснотија.

За крај сакам да ги охрабрам сите млади посебно од женскиот пол коишто имаат желба да бидат дел од нашата Армија да се пријават за да им служиме заедно на нашата татковина и граѓаните, коешто го прави Армијата во изминатите три децении.

angela sibinobska pripadnik na armija na republika severna makedonija koga prv pat ja oblekov uniformata na nasata armija toa ja zacvrsti odlukata da prodolzam so voenata sluzba 2

© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Е. Х. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Елена од Кавадарци е мејкап артистка во САД: „Не планирав да се селам, тука заработката е поголема и... „Во САД најчесто само невестата, девериците и мајките најмуваат шминкер за свадб...
Јасмина Цветковска 9 години живее во Сиднеј: „Како инженер лесно најдов работа, но проблем се скапит... „Дипломите од природните науки, машинските струки, архитектура, електро-инженерс...
Французинката Олга 2 пати го посети Скопје: „Македонците се прекрасен народ“ „Ми се допадна културата, мешавина помеѓу оксидент и ориент, природата, византис...
Паша од Тајланд ја посети Македонија: „Бев на свадба кај најдобрата другарка Македонка, восхитена су...  „Македонците навистина ги почитуваат и им помагаат на постарите луѓе. Тоа ...
Сипхокази Трпкоски од Јужноафриканска Република е македонска снаа: „Сакам пастрмалија и ракија, Охри... „Македонската свадба е за мене е најубавата македонска традиција. Многу е убаво ...
Ангела Блажевскa: „На 19 години ми пресадија бели дробови, операцијата траеше 7 часа, сега слободно ... „Белодробната функција, пред да ја направам операцијата, ми беше само 18% и тоа ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg