Ова е љубов! Негувателка во ЗОО Скопје му е заменска мајка на бебе мајмунче, отфрлено од својата мајка
- Детали
- понеделник, 23 јуни 2025
Мајмунчето бебе гибон Мики од ЗОО Скопје кое беше напуштено и повредено од мајката, полека закрепнува, а негувателката Зера деноноќно се грижи за него, го храни, му менува пелени и спие со него бидејќи гибончето бара целосна посветеност од мајката, исто како и децата.

Горан Анастасовски oд Скопје е вработен во маркетинг секторот во весникот „Нова Македонија“, но фотографијата е неговата пасија и љубов.
Со фотографија се занимава од 2006 година, а дел од неговите фотографии осамнаа и на насловните страници на најпознатите светски магазини.

Тој обожава да ги фотографира животните во скопската зоолошка градина, а сега сподели една навистина емотивна приказна оттаму, која тој ја овековечи преку фотографии.

Станува збор за неверојатната хуманост на негувателка во зоолошката и на љубовта и поврзаноста со едно мајмунче, одбиено од својата мајка.

Горан ја споделува приказната за негувателката Зера:
„Уште една тажна и воедно среќна приказна од ЗОО Скопје.
Бебето Гибон Мики од ЗОО Скопје кое беше напуштено и повредено од мајката, полека закрепнува благодарение на ветеринарите и заменската мајка Зера Бекировска, која деноноќно се грижи за него, го храни, менува пелени и спие со него бидејќи гибончето бара целосна посветеност од мајката исто како и децата. Ова не е прво искуство како заменска мајка за зоонегователката Зера.
Таа досега ги има пораснато и мајмунчињата Лука, Дино и Делфина“.




