Дамјан (5) од Штип е мал географски гениј - ги знае сите знамиња, ги црта границите на државите без да гледа (фото)
- Детали
- четврток, 11 септември 2025
„Неодамна, вртејќи го глобусот ми рече: „Мама, мене светот ми е многу мал“. А летово кога се враќавме од Турција, виде знаме кое не го знаеше, го меморирал, па преку Google photo откривме дека е знамето на Северен Кипар, кое се користи само во рамките на државата“, вели за CRNOBELO.com мајката на малиот географски генијалец.

Неговата мајка вели дека тој информациите за светот ги црпи неуморно, се дружи со глобусот и атласот, обожава да црта знамиња.


Дури и неговата соба е во тој стил, а и последниот роденден на Дамјан бил со тема географија - тортата e со светските знамиња, носи маичка на која се насликани знамиња, а и украсите во игротеката се во истиот стил.


Неговите родители ја поддржуваат оваа негова љубов, а мајка му вели дека летово ги изненадил, кога по меморија го нацртал знамето на Северен Кипар, кое не е воопшто експонирано и препознатливо како другите светски знамиња.


За CRNOBELO.com, неговата мајка Невенка раскажува:
„Дамјан ги знае сите 197 знамиња, ги црта, ја црта картата на светот со границите на секоја држава без да ја гледа и ги бои внатре знамињата, ги знае сите држави и скоро сите главни градови.
Сега веќе интересот е насочен кон планетите, бидејќи неодамна вртејќи го глобусот ми рече: „Мама, мене светот ми е многу мал“.


А летово кога се враќавме од Турција, виде едно знаме кое не го знаеше, го меморирал, го нацрта другиот ден, па го сликавме и го најдовме преку Google photo - испадна дека е знамето на Северен Кипар.
Сепак тоа знаме се користи во рамките на државата, па затоа и не е познато, ама ете го откривме“, додава таа.
