Лила револтирана по изживувањето врз девојчето во Скопје: „Кога стана ‘кул’ млади девојки да бидат насилнички?“
- Детали
- четврток, 02 јули 2026
„Сакам да знам кои се тие млади луѓе насилници, од какви семејства доаѓаат, знаат ли родителите кого чуваат дома, какви психички проблеми имаат (оти никој нормален не би малтретирал некого)? Кој треба да ти е поривот да се собереш во група и да малтретираш некој кој што е сам, а притоа е девојче!“, напиша Лила, меѓу другото.

Случајот со новото врсничко насилство во Скопје, каде тинејџерка ѝ удира шлаканици на друга девојка, додека сите околу нив снимаат, а некои момчиња „навиваат“ да ѝ удри и бокс, предизвика нова лавина реакции во јавноста.
Револт, чувство на згрозеност, неверување за тоа што се случува во нашето општество, за насилството меѓу младите кое зема сè поголем замав.
Но, и фактот што наместо да ѝ се помогне на жртвата, се бодри насилникот да продолжи со насилството, се поразителни.
Откако вчера во јавноста се појави видеото со врсничкото насилство во скопски Аеродром, се огласи ѝ Лила Филиповска, револтирана од ситуацијата.

Во својата порака на социјалните мрежи, таа напиша:
„Видеа со насилство и изживување не можам да гледам, просто немам желудник за тоа.
Ама еве прочитав што се случило во Аеродром и по којзнае кој пат сум во шок и неверување!!! Зошто, како, до кога ?!
Се прашувам и сакам да знам кои се тие млади луѓе насилници, од какви семејства доаѓаат, знаат ли родителите кого чуваат дома, какви психички проблеми имаат (оти никој нормален не би малтретирал некого)? Кој треба да ти е поривот да се собереш во група и да малтретираш некој кој што е сам, а притоа е девојче!

А посебен круг во пеколот за оние што снимаат! Снимаат малтретирање. Па вие не сте деца, вие сте монструми!
Засрамете се, која иднина ќе ја градиме со насилници како вас?! Мене моите ме учеа дека најважното во животот е да бидеме љубезни, да помагаме да донираме, ама вие изгледа до таа лекција не сте стигнале!
Од кога стана „кул“ млади луѓе, особено девојки да бидат насилнички, од кога?!
Млади, убави, дотерани наместо да бидете дами со манири вие изигравате арамбаши. А машките... срам да ви е!
Нели треба да ги заштитувате послабите од вас... вие не сте мажи, вие сте женски петлиња.

Искрено немам зборови. Се надевам дека ќе бидете соодветно процесуирани од институциите зошто вакви случки не смеат да се повторат.
Жалам за девојчето кое ќе мора да ја носи оваа траума, а на нејзините родители посакувам да имаат сила и трпение да го надминат ова.
Добрината и љубезноста никогаш не излегуваат од мода!“
А. Ј. | Црнобело