Заловен волк во скопската населба Козле – некој го чувал како миленик, сега е згрижен во ЗОО Скопје
- Детали
- среда, 13 мај 2026
Според објава на ЗОО Скопје и Тина Мицковска која е вработена во зоолошката, синоќа во скопската населба Козле бил заловен волк. На Фејсбук некои корисници коментираат дека животното е чехословачки волчјак, а на еден од нив Тина одговори дека постои можност да се во право, но според она што знаат досега, сепак личи на волк.

Синоќа во скопската населба Козле бил забележан волк со синџир и каивче на вратот, кој веројатно бил чуван како домашен миленик.
Од Скопската зоолошка градина споделија дека животното е заловено, каде што ќе биде прегледано и ќе му се обезбедат соодветни услови за живот.
„Вечерва во населбата Козле беше забележан волк кој бил чуван како домашен миленик и на себе имаше синџир и каивче. По пријава од загрижени граѓани, на местото интервенираше МВР, а веднаш потоа пристигна и стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од градот Скопје, а волкот беше успешно и безбедно заловен.
Во моментов волкот е безбедно транспортиран до градината, а ЗОО Скопје ќе го згрижи и ќе му обезбеди соодветна грижа и услови во иднина. Претстојниот период ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица.
За среќа, оваа ситуација заврши без последици, бидејќи станува збор за питомо и мирно животно, но уште еднаш апелираме и потсетуваме дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно.
Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување.
Апелираме до граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, истото да го пријават до надлежните институции.
Благодарност до МВР, Град Скопје, вработените во Зоолошка градина Сашо Панчев и Тина Мицковска и до сите вклучени служби за брзата и координирана интервенција“, стои во Фејсбук објавата на ЗОО Скопје.
Во меѓувреме се огласи и Тина Мицковска, вработена во ЗОО Скопје, која на Фејсбук откри дека волкот дошол токму пред нејзината зграда.
„Другарчето од цело Скопје вечерва баш пред моја зграда дојде како да барал спас… Избегал од некаде каде што несовесно се изживувале и чувале волк на ланец.
Со каивче и синџир на себе, исплашен, дури и грицки јадеше кои му ги дадов. Благодарност до целиот тим на МВР што успешно интервенираа и помогнаа во цела ситуација (го фатија волкот безбедно), до град Скопје кои беа вклучени во целиот процес на спасување и до мојот колега Сашо Панчев кој веднаш дојде успешно го залови и пренесе до Зоолошка.
Ќе биде наредниот период во карантин секако чуван и згрижен од тимот на ЗОО Скопје. Животното е питомо и мирно и нема потреба од паника.
За среќа, оваа ситуација заврши без последици, но уште еднаш апелираме и потсетуваме дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно.
Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво на синџир и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување.
Умен волчко, избега од синџирите“, пишува Тина на Фејсбук.
Во коментари на објавата, некои корисници велат дека животното не е волк, туку чехословачки волчјак.
Тина Мицковска одговори на еден од коментарите дека постои можност животното да е волчјак:
„Искрено, дај Боже и да испадне (волчјак). Личи, да, ама по сè што видовме е волк“.
фото: Фејсбук
Засега од ЗОО Скопје немаат споделено нови информации и не е познато кој го чувал животното и од каде побегнало.
Спирова С. | Црнобело