„И порано се тепаа деца, ама секогаш се наоѓал некој да раздвои“ – Реакции по случката со врсничко насилство во Скопје
Мартин Јованоски
„ЌУТЕТЕ ДА СЛУШАМЕ КАКО ЌЕ ПУКА!"
„ЌЕ ПРИЈАВИШ? АЈ ДА ЧУЈАМ ДАЛИ ЌЕ ПРИЈАВИШ!?"
„АЈДЕ БЕ, ЛУПАЈ ЈАА!"
„ПОЗДРАВ ДО ЕКИПАТА!"
„УШТЕ ЕДНАШ, АЈДЕ, НА СИЛУ!"
„САКАШ УШТЕ ЕДЕН? АЈДЕ, ДА ПУКА!"
Ова се дел од гнасотиите што се слушаат на видеото кое денес се споделува. Видео каде младо дете, девојче е снимано додека е шамарано, навредувано, исмејувано, терано да клечи и да моли за да престанат шамарите.
Наоколу 30-тина други деца, машки и женски, сите до последен се смеат и уживаат во глетката. Едно евидентно задоволно, демонско смеење кое не може да не го забележи човек. НИКОЈ ОД ПРИСУТНИТЕ НЕ СЕ НИ ОБИДУВА да помогне на девојчето, НИКОЈ, НИКОЈ ОД 30 ДУШИ...
Ајде да зборуваме реално. Сите ние правевме забранети работи на времето, бевме непослушни, се криевме, пркосевме. Имаше и тепачки, да. Имаше ферки, се тепаш позади школо и си одиш дома. Никој не дознава, никој не страда.
Ова што сѐ почесто го гледаме кај младината по видеа е ЗАБЕГАНО, БОЛНО, ЗАГРИЖУВАЧКИ И ПСИХОПАТСКИ. ВО СУШТИНА, ФИНАЛЕ ВО УНИШТУВАЊЕ НА ЕДНО ОПШТЕСТВО, ЕДНА НАЦИЈА.
Кога дете од 12 години ужива, снима, се смее, се дере задоволно и се концентрира на звукот на шамарите, додека гледа како друго дете е плукано и влечено за коса И НЕ ПОЧУВСТВУВА ПОТРЕБА, НАГОН, БЕС, ЖАЛ...МАКАР МАЛА ЕМОЦИЈА, МАКАР НЕШТО ЧОВЕЧКО ДА ПОМОГНЕ ИЛИ ВО НАЈМАЛА РАКА ДА ОТИДЕ И ПОВИКА ПОМОШ....мене ми е многу жал, ама нормален, прифатлив збор не можам да најдам.
Дете се воспитува. Со дете се зборува. Дете се казнува. Со дете се работи.
На дете не му се купува ајфон од 1000 евра. На дете не му се купуваат патики од 200 евра. Не му се купува електричен тротинет. Не му се купува електричен скутер или мотор за да дреме по бензиски пумпи. Дете на 14 години треба да има точак. Да врти педали и да се поти, да се оформува телото и да се гради правилно. Дете на 14 години треба да игра фудбал, баскет, да трча, да се смее, да има симпатии, да учи, да биде наградувано и казнувано, да чита лектири, да знае што е авторитет, да знае што е култура и воспитување....
Со моторот под газ, со ајфонот, некултурата, размазеноста и целата слобода и поддршка дадена од дома, поинакви видеа и нема да гледаме скоро по социјалниве мрежи.
Наместо деца полни живот, ќе гледаме мали демони на кои очите им светкаат задоволно секогаш кога ќе видат насилство, газење и булинг. И наместо детски џагор во воздухот ќе одекнува „Ќутете да слушаме како ќе пука!".
И баш тоа и нѐ очекува. Ќе ќутиме и ќе слушаме како ќе пука.
Тешко на тоа девојче.
Мајката на мини инфлуенсерката Фрида Мех, која е адвокат:
„Ова е резултатот на gentle parenting-от. Деца испуштени од раце, неискарани, запоставени, разлигавени, задоволени со се.
Срам да им е на родителите, што дозволиле да израснат вакви монструми. Треба да се прави сега големата.
Кривични пријави против родителите на сите деца за запуштање на малолетници, и пријавување во МВР за насилство врз дете и неовластено снимање.
Знаеме дека нема да се изречат којзнае какви казни за невоспитаниве, ама нема да им е сеедно да ги влечат по обвинителства и судови.
Јас едни вакви невоспитани дечишта ги влечам од септември по судот во Штип. Прашајте ги како им е.
Секое видео од ваков тип и го покажувам на Фрида и и објаснувам дека тепање е строго забрането, дека е неправилно и дека е жално за детето кое е тепано, дека така не се решаваат кавгите и недоразбирањата, дека за тоа се оди во затвор (за да ме разбере подобро), дека ако знае и виде вакво нешто треба да каже на наставниците, да каже дома и слично.
Не знам дали е овој принцип правилен или не, јас лично сметам дека треба да знае и да види како тоа изгледа и дека не смее ни да помисли да удри дете, да го навреди или да стои од страна и да го гледа тој ужас. Затоа што и гледањето е еднакво на тепањето.
Порака до сите родители кои ме следат, а не се малку.
Разговарајте со своите деца, посветете им вниманиние, заинтересирајте се каде одат, со кого се дружат и што прават. Ако имаат телефони, прочепкајте ги. Не е лошо да проверите и што пребаруваат на google/safari, chat gpt...
Така може да превенирате идно насилство, или да дознаете дали се евентуално мета или жртва на насилство“.

Татјана Алексиќ
📌Агресија раѓа агресија и агресивно се шири!
📌Бруталноста се смета за ,,предизвик"!
📌Емоционална неписменост и ограниченост се во тренд!
📌Под итно да се смени казнената политика за старосна граница!
📌Ако се способни и на најмала возраст да се изживуваат вербално и физички, способни се и да убиваат!
📌Ако гледаат сеир, снимајќи малтретирање и навивајќи како во гладијаторска арена, истото ќе го прават во наредна (не)прилика!
📌Ако е сѐ ова глумење лудило и свртување на јавното внимание, уште поголеми казни!!!
📌Ова се деца кои што растеле со реалити шоу емисии, со медиумска поддршка на агресивност, бруталност, дрскост и невоспитаност, без мрвка емпатија!
М. М. | Црнобело