Кики Мукаетова била жртва на врсничко насилство: „Двапати пукнат нос, шината рака - уште го памтам стравот со кој одев во школо“
- Детали
- петок, 03 јули 2026
„Долги години работев со психолог и пак имам морници. И денес, на 18 години, уште го памтам стравот со кој одев во школо. Имав само 10 години, а секое седнување во клупа ми беше хорор. За сестрите имаше анти-групи на социјални мрежи. Брат ми, на 7 години, исто така помина низ траума“, вели Кики, која со својата порака сака да ги мотивира жртвите да кренат глас.

Кики Мукаетова, водителката на емисијата „Во град со Кики“, се огласи со лична, тешка исповед на Инстаграм, во која откри дека и самата уште како мала била жртва на врсничко насилство.
Ова доаѓа откако во јавноста се прошири видеото во кое 14-годишна девојка тепа 12-годишно девојче, додека многу деца го гледаат и снимаат тоа, но и ја бодрат девојката што го тепа девојчето да ја удри посилно, и со бокс.
Кики ја раскажа траумата низ која поминувала со години, а тоа го направи за да испрати порака до жртвите да не молчат, туку да го пријават насилството, да не трпат, туку да се изборат за себе.

Таа вели и дека одела на психолог, но и по долги години работа со стручно лице, траумата е присутна.
„После два дена пиши-бриши, можам само да кажам: дечки, не молчете. Пријавете на време.
Молкот ништо нема да реши. Само ќе го направи проблемот поголем. Има начин, има институции, има луѓе што ќе ве сослушаат. Пробајте“, напиша таа и ја раскажа својата приказна.

Во објавата на Инстаграм, Кики напиша:
„Двапати пукнат нос, шината рака, трауми тон. Долги години работа со психолог и пак имам морници.
И денес, на 18 години, уште го памтам стравот со кој одев во школо. Имав само 10 години, а секое седнување во клупа ми беше хорор.
За сестрите имаше анти-групи на социјални мрежи. Брат ми, на 7 години, исто така помина низ траума...
До кога ќе гледаме деца како тепаат, понижуваат, а сега, па и снимаат??!
Колку треба да си несреќен на скала од 1 до 100 за да направиш вакво нешто?
Вие што хушкате од страна додека јадно дете е млатено и понижувано: Дали озбилно мислите дека сте јаки?
Брат ми е на иста возраст како Дарија и останатите деца. Не сакам да расте во средина каде што насилството е забава, а туѓата болка повод за снимање.
Ниту едно дете не заслужува преплашено да излегува од дома.
