Инфлуенсерката Софија Јанева за синот (1): „Никогаш нема да се извинам кога моето дете плаче, вика, тропа или има испад“
- Детали
- среда, 08 јули 2026
„Знаете што ми е навистина чудно? Истите тие луѓе што превртуваат очи кога ќе слушнат дете како плаче, не трепнуваат додека по цел ден оставаат злобни коментари, навредуваат непознати, шират отров“, вели Софија Јанева.

Инфлуенсерката Софија Јанева вели дека омилен дел од денот ѝ се прошетките со синот Матео (1), но не ѝ е јасно како некои луѓе може да замеруваат што мало дете прави врева или има испад и наплив на емоции во јавност.

Нејзината објава, во која ќе се пронајдат многу мајки, гласи:
„НИКОГАШ нема да се извинам кога моето дете плаче, вика, тропа или има испад. Не, не ми е непријатно.
Затоа што е мало дете кое сѐ уште не зборува. Неговиот јазик се солзите, плачењето и викањето. Тоа е неговиот начин на комуникација.

Но, знаете што ми е навистина чудно?
Истите тие луѓе што превртуваат очи кога ќе слушнат дете како плаче, не трепнуваат додека по цел ден оставаат злобни коментари, навредуваат непознати, шират отров и водат бескрајни расправии по социјалните мрежи.

Од бебе очекувате емоционална зрелост, а возрасни луѓе не можат да поминат ни еден ден без да ги истурат своите фрустрации врз некого што никогаш не го запознале.
Па, кажете ми… чие однесување е позрело?

Моето дете ќе порасне. Ќе научи да ги именува своите емоции, да се смири и да комуницира со почит.

Но, кој е изговорот на возрасните што и понатаму се однесуваат како деца, само што наместо да плачат на сред маркет, плачат и викаат зад тастатура?

Можеби е време да престанеме да бараме совршено однесување од децата, а да почнеме тоа да го очекуваме од возрасните“.
С. С. | Црнобело