Софија Јанева: „На 40 дена син ми се разболе од RSV вирус, бевме на интензивна нега, со мало бебе што се бори да дише“
- Детали
- петок, 28 ноември 2025
„Матео, точно на 40 дена, се разболе од RSV virus. Отидовме на интензивна нега, во соба што никој родител не сака да ја гледа, а не па да седи цели 4 дена. Машини, монитори, звук на аларми… и едно мало бебе што се бори да дише“ - пишува во својата исповед инфлуенсерката Софија Јанева.

Инфлуенсерката Софија Јанева го роди својот син Матео на 31.01.2025 година и често на Инстаграм споделува секојдневни моменти од родителскиот живот.
Таа се труди секогаш да ја претстави реалната слика, да им помогне на мајките да сфатат дека не се сами и дека не мора да бидат совршени, а овој пат зборуваше за еден предизвик кој го имала кога синот имал 40 дена.
Тогаш тие се соочиле со здравствен проблем заради респираторен вирус, заради кој завршиле во болница.
Во продолжение прочитајте ја нејзината исповед:
„Во животот може да имаш 1000 различни проблеми. Работа, обврски, луѓе, стрес… листата никогаш не завршува, но има еден момент кога сè тоа станува тотално неважно.
Кога ќе се појави здравствен проблем, особено кај твоето дете, сфаќаш дека постои само еден единствен приоритет. Сè друго едноставно паѓа во вода.
Јас тоа го научив на најтежок можен начин. Матео, точно на 40 дена, се разболе од RSV virus.
Отидовме на интензивна нега, во соба што никој родител не сака да ја гледа, а не па да седи цели 4 дена. Машини, монитори, звук на аларми… и едно мало бебе што се бори да дише.
Тие денови беа долги, потешки од било што што дотогаш сум проживеала. Чекање на резултати, чекање на доктор, чекање да му се подобри ситуацијата. Секој родител што поминал низ тоа знае дека таму времето тече поинаку.
Во такви моменти учиш дека силата не доаѓа од тоа колку можеш да издржиш, туку од тоа колку многу го сакаш тоа малечко суштество што лежи пред тебе.
Исто така учиш и нешто друго: учиш дека здравјето е она што го држи целиот наш свет заедно. Секој ден што го земав здраво за готово одеднаш доби огромна тежина.
Почнав да гледам на животот поинаку, не со страв, туку со благодарност. Кога ќе се соочиш со таков момент, никогаш повеќе не ги потценуваш „обичните” денови.
А најважното од сè - Матео денес е здрав, силен, насмеан и полн со енергија. Тоа е најголемата победа.
Научив дека и најтешките моменти имаат крај, и дека светлината секогаш се враќа, дури и кога си убеден дека ја нема. Ако и ти поминуваш низ тежок период, држи се. Не си сама!
П.с. За инат на болеста не ставам видео од болница- Наместо тоа, ви пуштам видео каде Матео е насмеан и јас конечно сум спокојна.
Тоа е верзијата на нашата приказна што сакам да ја паметиме: не моментот кога се боревме, туку моментот кога победивме“.
М. М. | Црнобело
