Мајката на Андреј, кој загина во Кочани: „На телефонот што ни го вратија беше отворен контакт кон мене - повикот никогаш не го добив“
- Детали
- понеделник, 23 март 2026
„Минатата година, на денот на погребот, кога бев клекната да фрлам земја врз ковчегот, на главата ми слета бел гулаб. Кога се исправив, гулабот сè уште стоеше на мојата глава. Отецот до мене само ми рече ‘Мајче твојот син дошол да се испрати од тебе’,“, вели Марија, мајката на починатиот Андреј.

Марија Петрушова е мајка на Андреј (24), момчето кое загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани лани на 16 март.
Половина година по смртта на Андреј, лани во јуни, таа, заедно со дел од семејствата на починатите од МВР, ги доби предметите од својот син, кои беа пронајдени кај него, а беа дел од истрагата за пожарот.
Марија го добила и мобилниот телефон од нејзиното непрежалено чедо и кога го отворила, на екранот се појавил контактот „Мајче“, како што синот ја викал, но, тој не успеал да ѝ сврти на кобната ноќ.

За CRNOBELO.com, Марија вели дека ова ја потсетило на случка од погребот на нејзиниот Андреј:
„Минатата година на денот на погребот, во моментот кога бев клекната да фрлам земја врз ковчегот, на главата ми слета бел гулаб.
Јас не бев свесна за тоа, слушав само поизразени крикови и плачење, а кога се исправив гулабот сè уште стоеше на мојата глава.
Отецот до мене ме гледаше вчудоневиден и само ми рече ‘Мајче твојот син дошол да се испрати од тебе’.
Овој момент ми дава сила и утеха дека тој духовно е до мене и вечно ќе го паметам.
На сето тоа имав уште еден знак, кога ни го предадоа телефонот од МВР и го отворивме, на екранот беше тастатура со контакт „Мајче ❤️“, повик кој никогаш не го добив“.

Марија, своите емоции ги пренесе и во песна, која ја посвети на синот, а ја објави на својот Фејсбук.
Таа напиша:
Кога се простував – ти ми слета како утеха, сине мој…
Денес е 20 март.
Една година откако те испратив…
и уште не знам како се живее без тебе.
Тој ден не беше збогување.
Тоа беше кинење на душа.
Миг во кој мајка останува без дел од своето срце,
а сепак мора да продолжи да дише.
Клекната над твојот гроб,
се држев за земјата
како да можам да те задржам под неа…
како да можам да те вратам со солзи.
Те повикував без глас.
Те барав со раце што празни останаа.
Се простував…
а не знаев како се простува од сопственото дете.
И тогаш…
кога болката ме скрши до крај,
кога срцето ми се распаѓаше во тишина –
ти ми слета како утеха.

Бел гулаб.
Тивок. Светол. Жив доказ дека љубовта не умира.
Слета на мојата глава
како да ме прегрна…
како да ми рече:
„Мамо, не сум далеку.“
И во тој миг знаев –
дека ни смртта нема сила
да ја прекине врската помеѓу мајка и син.
Од тогаш живеам со таа рана
што не зараснува,
и со таа љубов
што не престанува.
Ти не си овде…
но си во секој мој здив.
Во секоја солза.
Во секое утро што го почнувам со тебе
и секоја ноќ што ја завршувам со твоето име.
Андреј, сине мој,
ти си мојата болка што ме крши,
но и мојата сила што ме држи жива.
И додека светот оди напред,
јас останувам таму – во тој миг,
под тоа небо, со тебе…
Те чекам секој ден, гулабе мој…
Вечна ти памјет, сине мој.
А. Ј. | Црнобело
