Бев на концерт на синот на Андреа Бочели во Скопје и ме восхити со италијанскиот шарм - танцуваше со дамите во публика, па доби овации
- Детали
- понеделник, 16 јуни 2025
Ако пред концертот на Матео Бочели во Скопје се прашував дали публиката е дојдена поради него или само затоа што му е син на Андреа Бочели, по завршувањето на концертот сум сигурна дека сите што беа во Македонската филхармонија, од вчеравечер се негови (нови) фанови.

Матео, синот на Андреа Бочели, иако има 27 години, за многумина сè уште не е успешен музичар, туку млад талент кој гради кариера поради својот славен татко, Андреа Бочели.

Но, реалноста е далеку поинаква - Матео е исклучително талентиран музичар, кој свири на пијано, соработува со Ед Ширан, „краде ум“ и совети од својот татко, а подеднакво добро пее и поп и опера.

И сето ова, дополнето со неговиот италијански шарм, движењето на сцена, и насмевката која разоружува, бидејќи, да не се лажеме, Матео е прекрасен и за око и за уво, направија сите кои беа вчеравечер (15.06) во Македонската филхармонија да си заминат полни со впечатоци - бидејќи, концертот на Матео Бочели, беше уживање за сите сетила.

Концертот, во организација на „Пасворд продукција“, го започна седејќи на своето пијано, па се пошегува дека после долги години земање часови, би било штета само да пее, а не и да отсвири нешто за публиката.

Откако испеа неколку песни од својот прв албум, Матео пееше и кавери на познати светски хитови, а публиката му аплаудираше и го поддржуваше.

„Знаете, мора да ви откријам тајна - не ме бива за танцување.
Па ако некој сака, значи не мора, но ако сака да стане и да заигра со мене, би било одлично, нема да се приметува колку сум јас лош - ќе ми биде полесно“ - кажа тој.

Ја запеа Quando, Quando, Quando и се симна меѓу публиката, па заигра со неколку дами.

Се смешкаше, флертуваше додека пее, заведуваше со погледот и доби силен и искрен аплауз.

За цело време раскажуваше приказни - како Ед Ширан му понудил две песни за него, а Матео снимил една од нив, посветена на семејството и татко му.
Потоа, за пропуштената шанса да сними прв албум на 17 години, за дуетот кој го сними со татко си (па ја испеа песната во соло верзија), а ја најави и својата нова песна што ќе има премиера на 25 јуни.

„Еден ден претходно, на 24-ти во мојата Тоскана, ќе имаме претпремиера, ќе правам забава.
Па, ако ве води патот накај Италија, ако сте во близина - не велам дека треба да дојдете, но, ако сакате - сите сте поканети на мојата забава“ - рече Матео со насмевка.

Се пожали и дека откако е на турнеја ослабел, зашто, како што кажа „Италијанците обожаваат паста и пици“, а сега мора да јаде пилешко, ориз, салати - за да има енергија за патувањата и настапите.
„Ако се прашувате зошто ги поткревам панталоните - тоа е затоа што изгубив неколку килограми.
Знам дека е некултурно, како да сум без манири, извинете“ - кажа Матео.
