Сергеј Четковиќ ја славеше љубовта на концерт во Скопје: Покани парови да танцуваат на сцената, пееше шетајќи меѓу публиката
- Детали
- среда, 18 јуни 2025
Кога на едно место ќе се спојат прекрасни љубовни балади, шармантниот Сергеј Четковиќ и неверојатната енергија на публиката - тогаш концертот не може да е ништо помалку од маестрален. А таков беше токму вчерашниот настап на црногорскиот пејач во Скопје.

Кралот на љубовните балади, Сергеј Четковиќ, вчеравечер го одржа првиот од двата скопски концерта и направи забава за која, сите што беа во Македонската филхармонија, ќе раскажуваат уште долго.
Одмерен, харизматичен, вистински шармер на сцената, Сергеј 2 и пол часа ја славеше љубовта заедно со сите во публиката.
А не публиката не ѝ требаше долго да се расположи. Уште на првата песна Dolazim почна да пее заедно со него - на почетокот малку срамежливо, но како хитовите се нижеа еден по еден, така и таа се опушташе и стануваше сè погласна.
Одличната енергија во салата, но и харизма на Сергеј си го направија своето.

Популарниот Црногорец се симна меѓу публиката за да биде поблиску со оние што дошле да поминат една прекрасна вечер со него, па додека пееше, правеше селфи и се фотографираше со сите што го побараа тоа од него.
„Имам жив ѕид околу мене“ - се пошегува Сергеј, кој е познат и по својот одличен хумор.

Се опушти и тој, па раскажа неколку вица и се посмеа заедно со сите во салата.
Но, неговата љубов со македонската публика не заврши тука. Тој седна на бината, со две девојчиња покрај себе и заедно ја испеаја Prokleta bila.

Но, вистинско изненадување беше кога почна да им приоѓа на парови во публиката, да ги прашува дали се во врска или во брак, а потоа покани некои од нив да се качат на сцената со него.
Па, за нив и за сите вљубени ја испеа Ljubav, додека овие 5 пара играа танго.
