Бев на настап на Некст Тајм, 2Бона и Слаткар во Кисела Вода - Деца врескаа по идолите, Слаткар запеа со девојка од публика
- Детали
- понеделник, 30 јуни 2025
Има нешто посебно убаво во бесплатните концерти кои се организираат секое лето во Скопје. Некако, енергијата е преубава кога под отворено небо ќе дојдеш да го слушнеш твојот омилен изведувач, кога не знаејќи, додека случајно минуваш по улиците на твоето маало ќе слушнеш музика па ќе застанеш да видиш за што станува збор, или едноставно, ќе сакаш да излезеш од дома со блиските, без оглед дали пее некој што го слушаш или не.

Да, има нешто убаво во летните забави на отворено во Скопје, без оглед дали е тоа концертот на Филхармонија во Градски парк, забавите на Школка, Културното лето во Карпош, Кисела Вода, Аеродром или Центар.
Јас сум дете од Кисела Вода. И иако години наназад во моето маало, на некои 800-1000m од мојот дом се одржуваат концерти на отворено, во рамките на Културното лето, никогаш патот не ме одвел таму.

Дали зашто не сум била тука, дали заради гужвите, одговорот секогаш бил - ќе одам на концерт/свирка во друга прилика.
А не дека немало добри музичари, и домашни и регионални, но ете, „не се поклопиле коцките“.

Но, овој пат беше поинаку.
Некако, имав желба да ги слушнам во живо Стефан и Мартин, и Марче (Слаткар), особено откако заедно ги испеаја „Океани“ и „Магдалена“, а и новиот албум на Слаткар ми е на рипит.

И да бидам искрена, стопати се прекорив самата себе зошто никогаш порано не сум отишла.
Кога стигнав, водителите Миро и Верица го најавуваа настапот на „Некст тајм“, а публиката полека се собираше.

Стефан и Мартин се качија на сцената, почнаа полека, песна по песна, а нивниот настап заврши со еуфорија.

Тинејџери и деца врескаа по своите идоли, а најсреќните имаа можност да се поздрават со Стефан и да се фотографираат со него, откако тој слезе од бината и прошета покрај публиката.

Ништо помала не беше еуфоријата ни по 2Бона.
Дечиња влегуваа и во шаторот за изведувачите, па се фотографираа со нив, ги гушкаа.

А кога излегоа на сцената почнаа да врескаат, да ги пеат нивните песни.
Им направија и ѕвездено небо и не сакаа да ги пуштат да си заминат од сцената.

Да бидам искрена, не ја слушам музиката на 2Бона, но ги почитувам како музичари кои низ годиниве навистина се трудат, работат, снимаат...
И првпат ги гледав во живо, па се изненадив и од енергијата на сцената, но и од реакцијата на публиката, иако ми беше донекаде, очекувана.

А тие, го повикаа на сцената Слаткар, па откако заедно ја испеаја „Дијаманти“, Марко продолжи со својот настап.

Уште еднаш истата слика - еуфорија, врескање, порака од публиката „Ново Лисиче“ - како синоним на маалото во кое порасна Слаткар и каде што ги направи своите први музички чекори.
