„Бев во Битола на единственото кабаре со традиционална македонска музика - какво богатство имаме, се ежам од емоции“
- Детали
- понеделник, 21 јули 2025
Дури ни најавата дека специјални гости ќе бидат членовите на КУД Илинден не ме подготви за тоа што го видов на сцената - првото и единствено македонско кабаре, направено со авторска музика од Димитар Андоновски, а низ која суптилно и многу вешто беа испреплетени традиционални македонски песни и ја засилија емоцијата...

Понекогаш, кога емоциите се силни, не можете да ја доловите убавината на моментот, или да ја пренесете онака како сте ја почувствувале.
Треба да помине време, да „си легнат“, да си го вратите во глава сето она што сте го виделе, за повторно да го доживеете.

Таква една возвишена емоција доживеав минатиот четврток (17.07) во Битола, на 4-иот роденден на кабарето Gold Felicia.
Кога ме поканија на роденденската забава, на која, рекоа ќе има кабаре направено специјално за роденденот, очекував да ги видам стандардните настапи на Димитар Андоновски, Калина Велковска, Александар Тарабунов и други, во малку поинакво издание, но сепак забавно, распеано, енергично.


Дури ни најавата дека специјални гости ќе бидат членовите на КУД Илинден не ме подготви за тоа што го видов на сцената - првото и единствено македонско кабаре, направено со авторска музика од Димитар Андоновски, а низ која суптилно и многу вешто беа испреплетени преработки на традиционални македонски песни, а кои ја засилија емоцијата од она што го видов...


Вечерта почна со настапот на Димитар, кој ја испеа „Ако одам во Битола“, а веднаш по него Александар Тарабунов со „Едно име имаме“ - двајцата како загревање за атмосферата.


Зашто, веднаш по нив на сцената излезе актерот Никола Пројчевски, кој со својот продорен глас почна да зборува за борбата на македонскиот народ, за раѓањето на нацијата, за животот, историјата, традицијата.

