Слаткар и Тони Зен го кренаа Скопје на нозе, Калиопи ја „украде“ последната минута - Незаборавен концерт пред илјадници фанови
- Детали
- недела, 12 октомври 2025
Музичките гости беа вистински погодок: по 2Бона врескаа на цел глас, Некст тајм го разбудија патриотскиот дух на 11 октомври, а Калиопи предизвика лавина емоции пеејќи ја „Да полетам“ со Слаткар.

Марко Маринковиќ Слаткар и Тони Зен вчеравечер во арената „Борис Трајковски“ го одржаа долгоочекуваниот заеднички концерт, кој беше одложен на почетокот на пролетта по трагедијата во Кочани.
Во околу 3 часа, покажаа зошто и после скоро две децении публиката ги обожава, а тие и понатаму се на врвот на домашната рап-сцена.


Многу емоции, многу песни кои нè вратија во минатото, забава за сите генерации, зашто во публиката имаше и тинејџери, родители со помали деца, и возрасни, (меѓу кои и јас), а кои ги слушавме нивните хитови уште на почетокот на 2000-тите, кога се појавија на домашната сцена.


Што се случуваше на концертот на Тони и Марко во Скопје?
Кога стигнав во арената, таа веќе беше полна, а публиката се загреваше за настапот на двајцата долгогодишни пријатели и соработници со сетот на Диџеј Че, помалиот брат на Слаткар.


Иако низ годините многупати сум била на нивните настапи, повторно останав воодушевена од реакцијата на публиката.
Во моментот кога Слаткар и Тони излегоа на сцената, почнаа да врескаат толку гласно, што не можев да поверувам што се случува.

