Магија од хитови и емоции на концертот за маестро Кире Костов - Ќерката Ана пееше негови рефрени, публиката на нозе
- Детали
- среда, 12 ноември 2025
Додека низ салата се ореа „Кога те нема“, „Тајно моја“, „Казна моја си ти“ „Што те нема“ и многу други, гордо покрај сите пејачи стоеше Ана Костадиновска, ќерката на маестро Костов, и како придружен вокал ги пееше безвременските рефрени од нејзиниот татко.

Вчеравечер во Македонската опера и балет се одржа концертот „Летај галебе“, посветен на легендарниот композитор Кире Костов.


Два часа музика и безвременските хитови од маестро Костов, ги стопија срцата на сите кои вчеравечер дојдоа да си поминат убаво, да слушнат некоја од омилените македонски песни, или да му оддадат почит на композиторот кој веќе две години не е меѓу нас.


Но, добија многу повеќе од тоа - вечер исполнета со емоции, на моменти насмевки, на моменти по некоја солза, предизвикани од енергијата на сцената.


А таму, се редеа врвни домашни имиња - Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Танески, Биба Додева, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Александар Тарабунов беа дел од нив.

