Магија од хитови и емоции на концертот за маестро Кире Костов - Ќерката Ана пееше негови рефрени, публиката на нозе
И секој со својот сензибилитет ја пренесе песната на Костов до публиката - едни оживеаја некој подзаборавен рефрен, други пееја хитови без кои и денес не може да се замисли добра свирка.


Најемотивниот момент на концертот беше моментот кога Бобан Мирковски ја отсвире „Летај галебе“ на пијано, а на големиот видео бим се редеа фотографии од животот на Кире Костов.

Додека низ салата се ореа „Кога те нема“, „Тајно моја“, „Казна моја си ти“ „Што те нема“ и многу други, гордо покрај сите пејачи стоеше Ана Костадиновска, ќерката на маестро Костов, и како придружен вокал ги пееше рефрените од нејзиниот татко.


А тие, песните, не се само за овие генерации денес, туку и за многу идни. Тоа го докажа и публиката која со аплауз ја награди секоја изведба, која го пееше на глас скоро секој стих, која стана на нозе и со овации ги поздрави музичарите на сцената.

