Емотивни моменти на Златна Бубамара ’26: Џамбазов со грутка во грло рецитира за Кочани, Тина Русева „згрме“ со моќен вокал и порака
- Детали
- петок, 27 февруари 2026
Моментот кога одеднаш на видео бимот се појави ѕвездено небо, светлата се затемнија, а публиката замолчи – и на сите им се стегнаа срцата знаејќи кој дел на Игор следи, Кочани... Кошаркарот Владо Илиевски, наградата за спортска легенда, ја посвети на покојниот татко и покојниот претседател Борис Трајковски и доби громогласен аплауз.

Вчеравечер се одржа 29-тото издание на Златна Бубамара на популарноста, салата како и секогаш беше преполна, а ова беше една од најинтернационалните и најсветски „Бубамари“, како што ја најавија.
Атмосферата беше опуштена, имаше многу распеани и разиграни, како и секогаш смеење од срце на шегите од водителите, но и многу емотивни моменти, радосни, но и тажни.
Во продолжение најемотивните моменти од Златна Бубамара 2026:
Моќниот настап на Тина Русева која ја изведе „Не ме допирај“ од Маја Оџаклиевска, а сите се наежија кога рече: „Бев на Гласот на Германија и на Гласот на Европа, но секогаш ќе бидам гласот од Македонија“
Додека примаше награда големиот музичар Дамир Имери, ѝ заблагодари на посебна личност, неговата сопруга, и покажа кон неа во оркестарот, а потоа неговиот син свиреше негова музика
Кога на сцената беше поканет Круме Спасовски и засвиреа првите ноти од „Чудна жена беше Вера“, цела публика почна со ракоплескање да тактира
Снежана Конеска Руси, позната како Снешка од „Дајте Музика“, беше емотивно најавена, како „гласот од нашето детство, од генерациите кои израснаа со нејзиниот глас“, а доби награда за трајни вредности
Нина Елзесер, која доби награда за млада актерка, имаше емотивен и полн со трема говор, со кој ги трогна сите кога рече:
„Доаѓајте во театар, потребни сте му, театарот нема да постои без вас“.
Тони Денковски, млад актер на годината, наградата ја посвети на својата мајка:
„Таа е најзаслужна за тоа каков човек сум денес, знам дека ме гледа и е горда, и јас сум горд на неа“.
