Бевме зад сцената на „Глумците пеат“ 2026 - Си ги пеглаат фустаните, вежбаат реплики и песни, опуштено се дружат
Мирисот зад сцената беше поинаков. Духот беше поинаков.
Подготовките за шоуто беа во полн ек, оркестарот се штимаше, публиката не беше дојдена, но актерите на големо се подготвуваа.
Оние што настапуваа први веќе беа во своите костими и со шминка, други пристигнуваа во тоа време.
Во секоја просторија владееше супер атмосфера. Едни се распејуваа, други кажуваа вежби за говор на глас...
Антонио Ташковски или Еден човек како што го знае публиката, беше насекаде - низ ходниците, во гардеробите, сам, со колегите актери.
„Да пееме кавер? Ајде нешто од Брејк“ - ни рече кога влеговме во гардеробата каде што седеше со Владимир Петровиќ, Горан Ников и фотографот Стефан Рајхл, па запеаја сите заедно.
Нина Деан и Григор Јовановски си ја повторуваа кореографијата за својата заедничка точка, а таа наместо микрофон во раката држеше пластично шише со вода.
Емилија Мицевска, која на сцената издоминира и со пеењето и со голото трудничко стомаче помагаше да се испегла фустанот што требаше да го носи.