Бевме зад сцената на „Глумците пеат“ 2026 - Си ги пеглаат фустаните, вежбаат реплики и песни, опуштено се дружат
Шминкерницата беше постојано полна - а таму, освен што им ја менуваа шминката, им ги менуваа и фризурите на актерките пред секој настап.
Со Дениз Абдула се прошетавме низ ходниците на театарот, оние што се зад сцената, па видовме и делови кои ги знаат само актерите и вработените во „МНТ“.
„Ми требаше малку време да ги научам ходнициве, се губев на почеток. Ќе знаете да се вратите горе без мене?“ - нè праша тој.
Весна Бејби ни кажа дека ќе пее, ама и дека на овој начин сака да си ги поддржи помладите колеги, кои за некоја година „на свои плеќи ќе треба да ја носат манифестацијата“.
Додека разговаравме со неа, качени на сцената, таа во рака го држеше своето куче.
„Ми го чуваат додека настапувам, види го каков е мирен и убав“, ни рече таа.
Слаѓана Вујошевиќ цело време трчаше лево-десно, ама кога застана за кратка изјава, ги поздрави читателите на CRNOBELO.com со гласот на Биби.
Младата актерка и пејачка Катерина Јовановиќ се распејуваше додека се шминкаше.