Бев на концертот на Јаков Јозиновиќ во Скопје: Клекна на колена и ѝ се поклони на публиката, се расплака од силни емоции
- Детали
- петок, 10 април 2026
Јаков Јозиновиќ, понесен од атмосферата, во еден момент ѝ се поклони на публиката и клекна на колена пред неа, па рече: „Вие сте најдобрата публика досега. Ова е неверојатно. Не можам да поверувам што ми се случува“. Како си поминав на концертот во Скопје?

Јаков Јозиновиќ со право го носи епитетот хрватскиот музички феномен.

Момчето од Винковци, кое има едвај 20 години, полни сали, распродава концерти, ужива во популарноста што му се случи преку ноќ.

Она што до вчера слушавме и читавме дека се случува на концертите во Белград, вчеравечер го доживеавме сите во арената „Јане Сандански“, кои бевме на скопскиот концерт на Јаков.

Два и пол часа тој не престана да игра, да пее, да комуницира со публиката.

Им поставуваше прашања на девојките, преку нивните одговори ги најавуваше песните, делеше рози...

И понесен од атмосферата, во еден момент ѝ се поклони на публиката и клекна пред неа.

„Вие сте најдобрата публика досега. Ова е неверојатно. Не можам да поверувам што ми се случува.

Кога пред 3 години првпат дојдов во Македонија не ме знаеше никој, а денес, преку 5.000 луѓе сте тука, пеете со мене.
Фала ви за секој испеан стих со мене, за секој аплауз, за секоја купена карта, фала ви што ме сакате и поддржувате“ рече тој.

Неколкупати кажа и дека за малку ќе се расплачел, но до крајот на концертот не издржа - пред последното враќање на бис, го сокри лицето, се држеше за глава во неверување и почна да плаче од емоциите кои го облеаја.


А ни во публиката не остана никој рамнодушен на неговиот шарм, на енергичноста што ја покажа.
