Бев на концертот на Јаков Јозиновиќ во Скопје: Клекна на колена и ѝ се поклони на публиката, се расплака од силни емоции
Додека се нижеа песни од Оливер Драгојевиќ, Ѓорѓе Балашевиќ, Владо Георгиев, Дино Мерлин, Џибони, Здравко Чолиќ, не можев да поверувам дека деца на 15-16 години ги знаат песните наизуст, од збор до збор.

Младите генерации што слушаат рап и трап, одеднаш пееја песни што се направени уште пред да се родат - а Јаков е најверојатно најзаслужен за тоа.

Но, најмногу пееше песни од Тоше, и тоа хрватските верзии на песните со кои растел.

„Сум имал 2 години кога загинал и немам сеќавање на него, но тој ми е пример во кариерата, и како пејач, и како човек“, рече Јаков.

Само за скопскиот концерт испеа една од песните од Тоше на македонски, со помош од публиката.

„Ако ѕиркам надолу, тоа е за да се потсетам на текстот не ми замерувајте“, рече тој, а по концертот, на прес конференцијата со македонските новинари кажа дека вчера, неколку часа пред самиот концерт, почнал да ја учи за да ја испочитува нашата публика.

Па, како да го опишам концертот на Јаков со неколку збора? Феноменален. Разигран. Магичен. Незаборавен.

И тој рече дека никогаш нема да го заборави својот прв концерт во Македонија, а верувам ни публиката која беше во салата, зашто одамна не сум била на концерт на кој работите се случувале толку спонтано, едноставно, непланирано, а сепак совршено.

Зашто од една страна е Јаков кој ве плени со својата природност, ненаметливост, хумор, кој не крие колку ужива во секоја секунда помината на сцената, а на другата страна е публиката, илјадници луѓе кои пеат во еден глас, кои скокаат и кои му ја даваат целата своја љубов.

Тој дури и се симна од бината, направи еден круг низ публика, се фотографираше со некои, разговараше, ги гушккаше, пееше во исто време.

Па ако некогаш добиете шанса да отидете на концерт на Јозиновиќ, не ја пропуштајте. Неговиот настап, навистина, мора да се доживее.

Кликнете и погледнете видео од концертот:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело