Скриено исвиркувањето за влез на Израел во финале, Литванецот како вонземјанин - Впечатливи моменти од првото полуфинале на Евросонг '26
- Детали
- среда, 13 мај 2026
Израел, поради кој 5 земји го откажаа учеството, влезе во финалето, а нивниот претставник беше исвиркан. А таму се пласираа и две од трите поранешни југословенски републики кои настапија вчера. Кои се највпечатливите, но и контроверзни моменти од првото полуфинале на Евросонг 2026?

Вчеравечер во Виена, Австрија почна јубилејното, 70-то издание на Изборот за песна за Евровизија (Евросонг).
15 земји учеснички настапија пред неколкуилјадната публика во салата, а преносот на телевизија го гледаа неколку милиони гледачи од целиот свет.

И иако Евросонг е фестивал создаден за забава и спојување на земјите преку музика, годинава, повторно, донесе многу контроверзии, а во центарот на случувањата е Израел.
Иако многу земји побараа Израел да биде отстранет од натпреварувањето, поради конфликтот со Палестина, исто како што Русија пред неколку години беше „исфрлена“ поради војната со Украина, тоа не се случи.
Ова доведе до откажување на 5 земји, меѓу кои и Шпанија, како една од земјите на големата петорка, но и Ирска, која е апсолутен шампион на шоуто со најмногу победи.
Настапот на Израел и вчеравечер беше проследен со неколку контроверзии. Во моментот кога претставникот Ноам Бетан требаше да излезе и да ја испее песната Michelle, во салата почна да се слуша скандирање „Запрете го геноцидот“, но тоа беше скриено со вештачки гласен аплауз во телевизискиот пренос.
На Твитер, сепак се појави видео од преносот од Јутјуб, а на кое се слушаат гласните извици на публиката, а можете да го погледнете ТУКА.
Истото се случуваше и откако Израел беше прогласен за еден од 10-те финалисти.

Кои други интересни, но и контроверзни моменти се случија на првото полуфинале на Евросонг 2026 (а дел не беа прикажани во преносот)?
Освен Израелскиот настап, публиката го исвирка и шоуто на минатогодишниот претставник на Австралија, кој заедно со домаќините пееше песна за тоа кои се разликите меѓу Австрија и Австралија.