„Бевме на Лазаров наградите 2026 - Игор Џамбазов ѝ пееше на Миа Костова, Стефан ја крена во раце Благица Павловска“
- Детали
- четврток, 04 јуни 2026
Бремената Марта блесна со елеганција покрај Стефан Лазаров, кој беше совршен домаќин, саканиот на Тамара Тодевска, Лука, покажа дека е кавалер од стар ков кога клекнат на колено го снимаше нејзиниот настап, а Игор Џамбазов уште еднаш направи да сме горди што имаме таков шоумен. Јанг Дади ги крена сите на нозе со „Лидија“, а Благица Павловска ја подели сцената со Антониа Гиговска и ја нарече светлина. Оскаровски гламур и елеганција... Како поминавме на Лазаров наградите 2026?

Вчеравечер (03.06) втора година по ред се одржаа „Лазаров наградите“ во раскошниот амбиент на Ресторан Парк by Ragusa Group во Скопје.

Црвен тепих, класична музика за добредојде, оскаровски гламур... Стефан Лазаров се надмина себеси во организацијата на настанот, а покажа дека посветеноста, професионализмот, трудот и пред сè страста кон тоа што го работиш носат плод.

Плодот овојпат беше култна манифестација, а Стефан е на добар пат да направи традиција што ќе трае, со оглед на неговиот перфекционизам и способност да ја собере цела естрада на едно место.

Јутјуберот беше во придружба на својата бремена сопруга Марта, а масата ја делеше со својот пријател Мандар, неговата бремена сопруга Дариа и низа најблиски соработници.

Во еден миг на сцената го видовме и таткото на Стефан, Орце Лазаров, кој свири бас гитара и токму вчера го прослави својот 60-ти роденден.
На манифестацијата беше изведена и песната „Не кани ме“, чиј автор е токму тој.
Амбиентот со огромни свеќници и елегантна нота, совршено прилегаше на раскошните креации на присутните.

Тамара Тодевска седеше во првите маси до бината заедно со саканиот Лука, со Љупка Митрова и сопругот, како и со Миа Костова и нејзината Тијана.
На настанот во публиката блеснаа и Елена Ристеска, Марјана Станојковска, Маја Кикириткова, Лара Иванова и низа други наши познати личности.

Манифестацијата со музика, односно со химна за Лазаров наградите, ја отвори нашиот легендарен Игор Џамбазов, кој уште еднаш со своите појавувања на сцената проткаени низ целиот настан покажа дека е шоумен каков што се раѓа ретко.

Потоа, сцената му припадна на актерот и комичар Стефан Николовски, кој се шегуваше на тема името ќе го смениме, но и му се обрати на Јанг Дади (Young Dadi): „Која Лидија? Качи се, па види ја...“

Подоцна, Јанг Дади се качи на сцената и ја изведе неговата „Лидија“, а целата публика стана на нозе и играше на заразниот ритам.
Тој ја доби наградата „најдобар хит од млад артист“.

