„Бевме на Лазаров наградите 2026 - Игор Џамбазов ѝ пееше на Миа Костова, Стефан ја крена во раце Благица Павловска“
Стефан се пошегува и дека изгледаме како милион евра, а ќор денар немаме, но и дека ако им го пратиме Ламбе Алабаковски во Софија, сè ќе испозапали, па ќе видат што е „Бангаранга“.

Игор Џамбазов ѝ ја додели наградата „Талент без граници“ на Тамара Тодевска, а нашата дива издоминира на сцената. Во елегантна црна креација, таа беше испратена од својот сакан Лука, кој посветено ѝ го снимаше настапот клекнат на колено – вистински кавалер.

Тамара во свој уникатен стил шеговито од деколтето извлече ливче за да го прочита говорот во кој сподели дека веќе 25 години е на сцената и дека ѝ е навистина мило што поместува граници.

Потоа, сцената му припадна на Стефан Лазаров, кој елегантен во бело палто, постојано со насмевка на лицето, се покажа како одличен домаќин.

Тој додели две награди за „нова сензација“ на Тина Русева и Никола Станишиќ, девојката што нè направи горди пред светот и момчето што победи во „Ѕвездите на Гранд“ и нè направи горди пред Балканот.


За атмосферата задолжени беа Тројан бенд и диџеј Мац.
Оваа година меѓу трите нови категории беше и онаа за „спортист на годината“, која ја доби нашиот атлетичар Дарио Ивановски, и во текот на вечерта имаше видео обраќање од Франција.
За „спортски подвиг на годината“ награда доби инспиративниот Марко Пејчиновски, кој трогнат се појави на сцената и сподели колку всушност тоа му значи.
Брачниот пар Тапшанови, кои лани беа прогласени на најдобри травел инфлуенсери, годинава наградата за „травел инфлуенсер“ му ја доделија на Финн Ваттчов од Германија.

Неговиот говор дефинитивно беше најзабавниот на вечерта, а со својата енергија и искрен апел до властите покажа дека навистина заслужува македонски пасош.
Дури си ја порача и нашата патриотска песна „Бисер балкански“, а Никола Станишиќ му ја отпеа.
