Јован Јованов и Елвир Мекиќ нè вратија во младоста со концертот во Скопје - Направија шоу, имаа иста енергија како пред 20 години
- Детали
- недела, 07 јуни 2026
Ако нешто ѝ недостасуваше на домашната музичка сцена последните години, тоа е дефинитивно концертот на Јован Јованов, Елвир Мекиќ, кои освен што нè вратија во најубавото време на македонската музика, поставија и нови стандарди како треба да изгледа врвен концерт.

Повеќе од два часа, вчеравечер публиката во преполната арена „Борис Трајковски“ играше и ги пееше хитовите кои ги прославија Јован Јованов и Елви Мекиќ, но и новите песни кои ги сака и помладата публика - „Магија“, „Опасно“, „Некаде после 2“, „Адреналин“, „Итно ми требаш“, „Армија“, „Ти ме сакаш знам“...
За едни ова беше вечер во која се вратија во младоста, во 90-тите, за други најубавата носталгија што можеа да ја замислат, за трети пак вечер во која дознаа како се забавувале нивните родители пред дваесет и повеќе години.

Но, за сите ова беше вистински спектакл, по примерот на светските концерти, а тие ги кренаа границите за тоа како треба да изгледа и звучи еден концерт.
И не оставија никого рамнодушен.

Публиката беше од сите возрасти, и деца и нивните родители и верувале или не речиси сите дојдоа облечени во бело според дрес кодот кој од нив го побараа Јован и Елвир, зашто нивниот концерт беше замислен токму така - како „сензација во бело“.
И сите гости добија алки на влезот, кои потоа ја менуваа бојата во текот на концертот и ја осветлуваа арената во зелено, сино, црвено, розово - имавме чувство како да сме на концерт на светски ѕвезди.

И Јован и Елвир не застанаа ни за миг - пееја и танцуваа со истата енергија како и пред 20 години.
Сменија и по 4 аутфити и уживаа во секој момент на сцената. Во глава постојано ми се вртеше - навистина, по тоа време, не се роди група како Магија која постојано игра на сцената.

Се чини дека и ним им фалеше публиката, колку што и тие ѝ недостасуваа на неа.
Јован и Елвир го вратија на сцената и Адријан Гаџа по повеќе од 10 години (ова му беше прв настап), а и Врчак кој ретко настапува, со мерак пееше со нив.

Тука беа и настапите на Маја Саздановска, Пајак, Тони Зен, Слаѓа Делибашиќ и Juice, а и Марјана Станојковска се појави на сцената на новата верзија од песната „Магија“.
Нивната енергија и онаа на публиката, ја направи вечерта незаборавна.
