Сите патишта викендов водат кон Штип: Спектакуларна програма и бесплатен влез за сите на Д Фестивал

Овој викенд Штип дише во спектакуларниот музички ритам на Д Фестивал. Со бесплатен влез за сите посетители за целата музичка и културна програма, единствениот open-air фестивал во Македонија од вчера широко ги отвори вратите за илјадници посетители од земјава и странство, нудејќи тридневно летно доживување исполнето со музика, дружење, уметност и бројни придружни активности за сите што сакаат викенд исполнет со добра енергија.

site-patishta-vikendov-vodat-kon-shtip-spektakularna-programa-i-besplaten-vlez-za-site-na-d-festival-01.jpg

На петте фестивалски сцени се менуваат домашни, регионални и светски музички имиња со програма за сечиј вкус. Меѓу најочекуваните настапи се германската електронска сензација Boris Brejcha која во Штип доаѓа по настапите на најголемите светски фестивали и клубови на Ибица, британските панк-рок миленици IDLES, пионерите на европскиот дет метал Destruction, хип-хоп иконата DJ Premier, балканските рок фаворити KOIKOI, Telemama, која по осум години повторно настапува пред македонската публика, како и мексиканската атракција Son Rompe Pera, чиј енергичен настап е вистинска гаранција за танцување до зајдисонце. Низ трите фестивалски дена настапуваат и бројни други артисти, создавајќи музичко патување низ електронска музика, рок, хип-хоп, метал и алтернативниот звук.

site-patishta-vikendov-vodat-kon-shtip-spektakularna-programa-i-besplaten-vlez-za-site-na-d-festival-02.jpg

Но, Д Фестивал никогаш не бил само место за концерти. Фестивалскиот простор и оваа година е претворен во мало гратче во кое речиси секој агол нуди ново искуство. Денот може да започне со јога сесија покрај реката, да продолжи со дружба во камп зоната или прошетка низ базарот, а потоа да се претвори во авантура исполнета со креативни работилници, театарски и стенд-ап настапи, активности на невладини организации, катче посветено на менталното здравје, спортски предизвици, карате и џиу-џицу презентации, учење традиционални ора, масажи, стрип, цртање и уште многу интерактивни содржини кои го прават фестивалот подеднакво интересен и во текот на денот, а не само навечер. Љубителите на фудбалот, пак, ќе можат заедно да ги следат натпреварите од Светското првенство во специјално организираниот простор за заедничко гледање.

site-patishta-vikendov-vodat-kon-shtip-spektakularna-programa-i-besplaten-vlez-za-site-na-d-festival-03.jpg

Посебно внимание кај посетителите привлекуваат атрактивните простори за релаксација и дружење, во кои се чувствуваат силни позитивни вибрации. Во текот на денот, од 12 до 18 часот, посетителите се релаксираат во специјално уредената chill зона, која е совршено место за пауза од брзото фестивалско темпо, освежување и собирање енергија пред вечерните концерти. Со заоѓањето на сонцето, фокусот се префрла кон главната сцена, каде што е подготвен и ексклузивен VIP простор отворен од 20 до 2 часот наутро, создаден за оние кои сакаат да уживаат во концертите во поудобна и поопуштена атмосфера.

Годинешното издание на Д Фестивал е уникатно поради бесплатниот влез за сите посетители, благодарение на кој се очекува рекорден број посетители од целата земја и регионот. Новиот концепт, силната музичка програма и богатата придружна содржина го претвораат фестивалот во многу повеќе од музички настан – тоа е тридневно летно искуство каде што секој може да го пронајде своето омилено катче.

Фестивалот е во тек и продолжува до недела, а целосната програма и саатницата на настапите се достапни на официјалната веб-страница на Д Фестивал.

Најчитани неделава