Девојка починала по 4 дена без храна и вода, откако паднала во кратер на вулкан во Индонезија – семејството ги обвинува спасувачите
- Детали
- четврток, 26 јуни 2025
Јулијана од Бразил паднала во кратер од вулкан во Индонезија додека го искачувала со водич и група туристи. Спасувачката операција траела 4 дена, но додека да стигнат до неа, девојката веќе починала. Сега, семејството ги обвинува надлежните дека не се ангажирале доволно и дека ја оставиле ќерка им да умре. Тие велат и дека првично ги лажеле дека девојката е спасена и на безбедно.

Животот на 26-годишна девојка од Бразил заврши трагично, откако паднала во вулкан во Индонезија.
Девојката поминала неколку денови во кратерот на вулканот и додека спасувачките екипи да стигнат до неа, веќе била почината.
Сега нејзиното семејство ги критикува властите во Индонезија и тврди дека поради недоволната ангажираност на спасувачките екипи, девојката поминала четири дена без храна и вода и починала.
Детали за трагичната смрт на младата девојка:
Неколку месеци, Бразилката Јулијана Маринс патувала низ Тајланд и Виетнам, пред да пристигне во Индонезија.
Минатиот петок (20.06), Јулијана, заедно со пет пријатели и водич, почнала да го искачува вториот највисок вулкан во Индонезија – Ринџани.
Вулканот Ринџани е активен и планинарската тура е опишувана како предизвикувачка. Според еден од пријателите на Јулијана, кога тие почнале да се качуваат, теренот бил лизгав и видливоста била намалена, па искачувањето било уште потешко.
Според надлежните, Јулијана се лизнала и паднала од карпа до кратерот на вулканот, на длабочина од околу 300 метри.
Според некои извори, групата ја оставила Јулијана сама, но други велат дека водичот немал опрема самиот да ја извади и морал да се погрижи за безбедноста на другите пет лица, па да повика помош.
Следниот ден, онлајн се појави видео на кое се гледа дека Јулијана е во вулканот, но дека се движи, односно дека иако е исплашена, веројатно не е со сериозни повреди.
Спасувачките екипи отишле на местото, но Јулијана веќе не била таму, а поради лошата видливост, велат, не можеле да ја лоцираат.
Индонезиските власти изјавија и дека тие ја снимале областа со дрон и забележале дека Јулијана веќе не е таму.
Како што велат, користеле термални камери и биле ангажирани 50-тина луѓе, но не можеле да ја лоцираат девојката поради густата магла.
Во меѓувреме, нејзиното семејство не знаело што точно се случува и тие тврдат дека индонезиските власти ги лажеле дека нивната ќерка е на безбедно.
Јулијана била лоцирана дури во понеделникот и спасувачките екипи сфатиле дека паднала уште подлабоко, на длабочина од околу 600 метри.
Но, морале да прекинат со истрагата поради лошите временски услови.
Конечно, во вторникот, спасувачката екипа успеала да се спушти до местото каде што била Јулијана, но таа веќе била почината.