Потресни сведоштва од преживеаните во пожарот во Хонгконг: „Гледав фотографии од загинати за да си го најдам семејството“
- Детали
- петок, 28 ноември 2025
„Мислев дека е мал пожар, дека ќе го изгаснат. Но, целиот комплекс пламна. Одев од стан до стан, им тропнав на соседите да излезат“, раскажува маж кој 40 години живеел во станбениот комплекс во Хонгконг.

Бројот на жртви во пожарот во Хонгконг веќе надмина 100. Истрагата уште е во тек, а спасувачките служби трагаат и по преживеани.
За кинеските медиуми, неколку преживеани веќе ги споделија своите потресни приказни.
Еден од нив е маж кој 40 години живеел комплексот, а чиј син е пожарникар.
„Пожарот почна од шестиот блок, потоа се прошири на петтиот па четвртиот… Бидејќи третиот блок е прикачен за првиот и вториот, штом почна да горе третиот, другите два немаше како да се спасат“.

Од осум згради, единствено една е недопрена од огнот.
Мажот, кој живеел во третиот блок, вели дека пожарникарите веќе биле на терен кога син му дошол да го предупреди.
„Дојде дома и ми рече ’Тато, има пожар‘. Го отворив прозорецот и видов како пожарникарите пробуваат да ги спасат четвртиот, петтиот блок.
Мислев дека е мал пожар, дека ќе го изгаснат. Но, целиот комплекс пламна. Одев од стан до стан и им тропнав на соседите на вратите, да излезат.
Слеговме по скали. Кога излеговме надвор, видовме дека веќе има многу луѓе“.

Вели дека бил организиран превоз за преживеаните до засолниште во близина, додека полицијата пробувала да го расчисти просторот околу комплексот.
„Ако стоевме многу блиску, беше опасно. Се плашевме дека нешто ќе се сруши врз нас. Син ми отиде до повисоките станови да ги предупреди луѓето…
Загинаа над сто луѓе. Оние кои беа постари, оние кои не можеле да избегаат, се задушиле. Син ми ми кажа дека ќе изнесуваат тела, можеби сто, не знаеше.
Му реков да внимава, ми беше страв да не се сруши зградата“.

Тој ја поминал вечерта во засолништето и вели дека никој не можел да спие.
„Светлото постојано беше вклучено. Отспав можеби три часа. Многу сум несреќен“.
Друг маж, кој живеел во зградата 41 година, вели дека го забележал пожарот кога тргнал на прошетка.
„Само што излегов надвор, го видов чадот. Брзо истрчав дома и почнав да тропам по вратите на соседите. Им реков да се симнеме по скали“.

За жал, немале време да собираат лични предмети и скоро сè оставиле дома.
„За среќа, успеав да си го земам паричникот и една торба. Живеам со сопругата, заедно избегавме“.
Мажот вели дека го забележале пожарот меѓу првите – во период кога ни пожарната не била стигната.
„Почнаа да пристигнуваат возила за спасување. Некои луѓе беа многу исплашени. На некои им помагав со инвалидските колички. Имаше и луѓе со отежнато движење, им помагав и нив“.

За два-три часа, засолништето се преполнило, а тој вели дека болничарите одлично си ја завршиле работата.
„Уште се чувствувам лошо. Следното утро се вратив да видам како е, уште имаше чад“.

Мажот додава дека голем дел од неговите пријатели се исчезнати и е во неизвесност дали преживеале.
Со сопругата, пак, се сместиле кај роднини за да не спијат во засолништето.
Млада жена вели дека меѓу исчезнатите се нејзината сестра и сопругот.

Морала да гледа фотографии од мртви тела во случај да ги идентификува.
„Ако лицата не им се познаваат, има лични предмети по кои треба да се водиме…
Не можев да го најдам моето семејство фотографиите. Не можам да опишам што чувствувам. Имаше деца …“
Спирова С. | Црнобело
