Потресни сведоштва од терористичкиот напад во Сиднеј: „Стрелаа и кон деца, беше вистински масакр“
- Детали
- понеделник, 15 декември 2025
„Прво мислев дека мажот носи патерици, ми беше жал за него. Но, тогаш ја извади најголемата пушка што сум ја видела. И веднаш почна да стрела, а имаше стотина луѓе на плажата“, раскажува млада девојка која го преживеала масакрот на плажа во Сиднеј кој се случи вчера.

Вчера (14.12) на плажата Бонди во Сиднеј, Австралија се случи терористички напад во кој животот го загубија 15 лица, а над 50 останаа повредени.
Двајца напаѓачи со огнено оружје, за кои полицијата потврди дека се татко и син, почнале да пукаат кон луѓето на плажата.
Според надлежните, мета на напаѓачите биле луѓе кои присуствувале на настан за еврејскиот празник Ханука.
Меѓу жртвите има и 10-годишно девојче, како и пензиониран полицаец.
За The Guardian неколку очевидци ги споделуваат нивните потресни сведоштва.
„Видов дека мета им се и деца. Видов постари луѓе кои не можеа да се движат и беа стрелани. Беше вистински масакр, имаше крв насреде.
Не ми се верува, вакви работи не се случуваат овде“, вели маж кој посакал да остане анонимен.
Маж од Англија кој бил на плажата вели дека разговарал со семејството преку видеоповик кога го слушнал пукањето.
„Имаше двајца напаѓачи, едниот тргна десно и застрела една жена, а другиот замина лево и застрела маж. Видов како луѓето почнаа да бегаат.
Моето семејство ме молеше да најдам засолниште бидејќи можеа да ги слушнат истрелите преку телефонот“.
Друг маж бил во својот автомобил кога го слушнал пукањето, па веднаш паркирал и почнал да им вика на луѓето околу него да најдат засолниште.
Вели дека видел неколку тела и многу повредени, меѓу кои и полицаец.
„Беше многу храбар. Пробуваше да остане свесен. Се обидувавме да зборуваме со него… Само да му помогнеме, да го држиме за рака, а некои пробуваа да му ја преврзат раната“.
Мажот додава дека видел и жена со две мали деца која била застрелана.
„Мислам дека најлошо беше што двете нејзини деца беа веднаш до неа. Беше многу, многу храбра, пробуваше да остане свесна, да разговара“.
Еден сведок вели дека додека бегал, почнал да ги слуша луѓето околу него како викаат дека напаѓачите стават нова муниција во оружјата.
Раскажа и како луѓето почнале да се кријат во тоалетите, рестораните и околните објекти, пробувајќи да се заштитат.
