Се огласи девојката која беше најдена со скршени раце и нозе во Дубаи: „Ме нападнаа богаташи, ми се закануваат и сега, а полицијата ги штити“
- Детали
- понеделник, 04 мај 2026
„Во собата имаше алкохол и дрога и ме тераа да им се придружам. Им реков дека не сакам и веднаш станаа агресивни. Ми рекоа дека јас им припаѓам нив и можат да ми прават што сакаат“, раскажува Украинката Марија Ковалчук една година по страшниот напад во Дубаи. Таа вели дека во болница била запишан под лажно име и ја држеле врзана за кревет, а надлежните во Дубаи како да пробувале да ги заштитат напаѓачите и да ја замолчат неа.

Во март минатата година, Марија Ковалчук од Украина беше пронајдена покрај автопат во Дубаи со скршени екстремитети.
Страшниот инцидент тогаш одново ги разгоре гласините за развратните забави кои наводно се одржуваат во Дубаи каде што млади девојки се експлоатирани и деградирани.
Иако властите тврдеа дека Марија паднала од зграда, откако заздрави, самата Марија го негираше ова.
Сега, во ексклузивно интервју за Daily Mail, 21-годишната девојка открива детали за трауматичното искуство.
Марија, која денес живее во Норвешка и работи како мејкап артистка, вели дека нејзините напаѓачи биле богаташи од Дубаи кои не престанувале со обидите да ја замолчат откако таа го преживеала нападот.
Кога се случи инцидентот, Марија била активна на OnlyFans, а вели дека отишла во Дубаи за да направи фотосесија.
Но, го испуштила летот до дома, па маж кој го запознала претходниот ден ѝ понудил да ѝ помогне.
„Ми рече дека можам да останам во неговата хотелска соба додека да најдам начин да се вратам дома. Па, завршив во соба со двајца мажи – едниот од Русија, другиот од Белорусија – и две девојки.
На почетокот сè беше нормално. Разговаравме што можеме да правиме следно и како би можела да се вратам дома“.
Но, ситуацијата брзо ескалирала кога мажите на маса ставиле алкохол и дрога – нешто што е строго забрането во Дубаи.
„Имаше алкохол и нелегални супстанции и ме тераа да им се придружам. Им реков дека не сакам и веднаш станаа агресивни.
Ми стана јасно дека сакаат да сум под дејство на дрога или алкохол за полесно да ме присилат на секс. Ме третира како предмет. Ми рекоа дека јас сум им припаѓала нив и можеле да ми прават што сакаат“.
Набрзо потоа, на Марија ѝ биле одземени личните предмети, вклучувајќи го пасошот и мобилниот телефон.
„Една од девојките ми удри шлаканица. Истата девојка ми ја украде и облеката, а си замина од хотелската соба во мој фустан.
Пробуваа да ме присилат да пијам и да се дрогирам, а кога одбивав, стануваа сè поагресивни“.
Марија пробувала да избега и во еден миг истрчала на балконот и почнала да бара помош. Но, мажите ја довлечкале внатре.
Вели имала и втора шанса за бегство – мажите стоеле на балконот, па таа пробала да излезе од собата, но повторно ја спречиле.
„Едната од девојките ме гледаше. Како што истрчав кон вратата, таа извика дека сум избегала. Во тој момент веќе бев преплашена за мојот живот. Само сакав да си заминам…
Следното нешто на коешто се сеќавам е силен удар по главата. Потоа се сеќавам дека видов такси-возач на кој му побарав помош и повторно изгубив свест. Потоа се разбудив во болница“.
Марија не се сеќава како ги добила сериозните повреди, но вели дека иако била во болница, тешкиот период допрва почнувал.
Имала низа сериозни повреди, вклучувајќи скршен прешлен на долниот дел од ’рбетот и неколку скршеници на екстремитетите. Имала скршеница и на клучната коска.
Девојката имала повреди на скалпот и черепот, а на левиот глужд имала отворена скршеница, односно ѝ се гледала коската.