Девојка починала по 4 дена без храна и вода, откако паднала во кратер на вулкан во Индонезија – семејството ги обвинува спасувачите
Нејзиното тело било извлечено дури следниот ден (25.06), повторно поради лошите временски услови, а наводно целата операција траела пет часа.
Додека траеше целата голгота, но и откако го добија телото на ќерка им, родителите на Јулијана гласно зборуваат за „неспособноста на индонезиските власти“.
Вчера (25.06), тие изјавија дека ќе бараат правда за смртта на ќерка им.
„Јулијана настрада од небрежност од страна на спасувачкиот тим. Ако тимот стигнеше до неа побрзо, таа ќе беше жива.
Јулијана заслужуваше многу повеќе! Сега, ќе бараме правда за неа, бидејќи тоа го заслужува!“
Додека траеше истрагата, и јавноста ја критикуваше целата операција. Нејзиното семејство, пак, вели дека надлежните постојано им кажувале лаги и дека дури им покажале и лажно видео на кое се гледало како спасувачките екипи ѝ даваат храна и вода на Јулијана.
„Сè е лага. Сите видеа што ги покажуваа се лажни, вклучувајќи го и видеото на кое изгледа како спасувачите да ја извлекуваат.
Дури и прославивме. Ни беше шок кога сфативме дека е лага“, вели сестрата на загинатата девојка.
Семејството на Јулијана ја критикува и комуникацијата меѓу бразилските и индонезиските власти, а не им е јасно и зошто областа била отворена за посетители и покрај тоа што во тек била потрагата.
Семејството откри и други детали за целиот настан. Според нив, пред да падне, Јулијана накратко се одделила од групата бидејќи била многу уморна.
Но, наместо да ја почекаат, водичот и другите туристи продолжиле со искачувањето.
„Ова го дознавме откако стапивме во контакт со неколку луѓе кои работат во паркот. Јулијана била со група, но многу се изморила и ги замолила да застанат накратко. Но, тие продолжиле да се движат и водичот не останал со неа.
Не знаела каде да оди, не знаела што да прави. Кога водичот се вратил по неа, бидејќи помислил дека се задржала многу, видел дека паднала“, вели сестра ѝ.
Се гласи и водичот кој вели дека не е точно дека ја оставил.
„Не ја оставив, но почекав три минути пред неа. Ѝ реков дека ќе ја чекам понапред, да одмори. Но, по околу 15 или 30 минути, таа не се појави, па отидов да ја побарам на местото каде што одмораше.
Сфатив дека паднала кога ја забележав нејзината батериска ламба во јама од околу 150 метри и ја слушнав како вика за помош. Ѝ кажав дека ќе ѝ помогнам. Очајно ја молев да чека таму за помош“.
Водичот додава дека веднаш го пријавил инцидентот во агенцијата што го организира искачувањето и им рекол веднаш да повикаат спасувачки тим.
Искачувањето на вулканот висок 3.726 метри привлекува илјадници туристи секоја година, без разлика што теренот е опасен.
Според BBC, изминативе неколку години неколку луѓе имаат загинато додека го искачувале, вклучително и турист од Малезија кој загина минатиот месец.
Поради многуте инциденти, семејството на Јулијана вели дека не им е јасно зошто атракцијата уште е отворена за јавност. Сепак, некои велат дека искачувањето на вулканот е опасна активност и спаѓа во категоријата „екстремен туризам“, па секој кој ќе се нафати, треба да биде свесен за она што го чека.
Спирова С. | Црнобело