Млад јутјубер (22) загина во Индија додека снимаше видео во брза река: Зошто младите одат до екстреми за лајкови?
- Детали
- петок, 05 септември 2025
По трагичната смрт на 22-годишен јутјубер од Индија, повторно се отвора дебатата за ризиците кои доаѓаат од социјалните мрежи, a на кои најизложени се тинејџерите. Сè почесто слушаме за опасни предизвици кои младите ги имитираат за да се вклопат, па важно е родителите да бидат свесни за она што се случува онлајн.

Колку што можат да бидат забавни, некогаш и едукативни, социјалните мрежи претставуваат и опасност, особено за децата и тинејџерите.
Поради дизајнот на апликациите како Инстаграм и ТикТок, каде што сме бомбардирани со видеа од по само неколку секунди, многу млади, но и возрасни, не можат да се фокусираат на нешто подолг период.
Па, оние кои создаваат содржини, како јутјубери и инфлуенсери, почнуваат да одат до екстреми за да успеат да го задржат вниманието на публиката.
Одличен пример за ова е трагедија која се случи во Индија кон крајот на август.
На 27-ми август, 22-годишниот Сагар Туду од Индија отишол да снима видео на водопадот Duduma.
Сагар сакал да стане познат јутјубер, a на неговиот канал имал околу 500 следбеници. Па, во огромната конкуренција со милиони други луѓе како него, решил да снима опасно видео на водопадот.
Видеото стана вирално, но само поради трагичниот крај.
На видеото се гледа како младиот Индиец влегува во реката со многу брз тек, но само неколку секунди подоцна, силната струја го завлекува.
На брегот има неколку луѓе, но поради силната струја, никој не може да направи ништо за да му помогне.
Тие пробале да му фрлат јаже за да го извлечат, но младиот јутјубер не успеал да го фати.
Надлежните веднаш почнале потрага по него, но следниот ден успеале да најдат само дел од опремата за снимање што ја носел со себе.
Младиот Индиец го снимал видеото по период на обилни дождови, поради што нивото на реката било значително зголемено.
И, додека некои покажуваат сочувство, други го критикуваат и него, и неговите пријатели што самиот си го ризикувал животот за социјални мрежи.
Веќе неколку години наназад, психолозите апелираат за опасноста од содржината на социјалните мрежи.
Покрај проблемите со менталното здравје, како депресија и анксиозност, кои се јавуваат како резултат на нереалистичните објави, овде се и сè поопасните предизвици кои се прославуваат преку ноќ.