Млад јутјубер (22) загина во Индија додека снимаше видео во брза река: Зошто младите одат до екстреми за лајкови?
Помладите корисници на социјалните мрежи, главно тинејџери, неретко ги копираат онлајн предизвиците за лајкови, следбеници, или само за внимание и надеж дека ќе си го подобрат статусот во нивното опкружување.
Според истражувањата, на најголем ризик се изложени корисниците на возраст од 13 до 17 години.
Тинејџерите на оваа возраст најмногу го чувствуваат притисокот да се вклопат со своите врсници, па многумина се подготвени да прават и ризични работи.
Изминативе неколку години, се имаат појавено бројни опасни предизвици од кои дел резултирале и со смрт.
Меѓу првите предизвици кои се прославија ширум целиот свет беше јадењето капсули за перење облека.
Предизвикот се прослави во 2016-та, и во период од неколку години, над 30.000 деца завршиле во болница поради него.
Друг опасен тренд кој беше популарен е намерното губење свест со спречување на дотокот на кислород.
Очигледно, ова е еден од најопасните трендови кои се појавиле бидејќи може да резултира со оштетување на мозокот, но и смрт.
Има и предизвици каде што децата пијат апчиња, како седативи, па си ги снимат реакциите.
Токму поради присутноста на ваквите предизвици, експертите сè повеќе апелираат родителите да внимаваат на содржината што ја гледаат нивните деца.
Некогаш децата не пробуваат предизвици, туку самите смислуваат опасни работи – како младиот Индиец кој загина.
За да се спречат ваквите трагедии во иднина, психолозите ги советуваат родителите да станат посвесни за ризиците од она што го гледаат нивните деца.
Самите да се едуцираат за онлајн безбедноста, да разговараат со нивните деца, но и да воспостават поголема контрола.
Спирова С. | Црнобело