„По многу неуспешни обиди, моите сестри ми подарија дете – едната донира јајцеклетки, другата беше сурогат мајка“
- Детали
- вторник, 23 септември 2025
По седум неуспешни обиди за ин витро за кои потрошила над 70.000 евра, Американка го добила најубавиот подарок од нејзините сестри - едната ѝ донирала јајцеклетки, а другата била сурогат мајка на нејзиното дете.

Од различни причини, многу луѓе одлучуваат да добијат дете со помош на сурогат мајка.
Неретко оваа одлука следи по долга битка со неплодност и за некои луѓе ова е единствениот начин да добијат свое дете.
40-годишна Американка била во ваква ситуација – со нејзиниот сопруг со години се обидувале да добијат дете, но безуспешно.

Но, на крај, нејзините две сестри истапиле за да ѝ помогнат да стане мајка – едната ѝ донирала јајцеклетки, а другата бил сурогат мајка.
Џеклин Фиберг и нејзиниот сопруг Грег потрошиле над 70.000 евра за седум обиди за асистирано оплодување.

Поради здравствени проблеми, вклучувајќи ендометриоза, Џеклин имала три спонтани абортуси и со 46-годишниот сопруг речиси изгубиле надеж.
Но тогаш нејзината 42-годишна сестра Стефани понудила да ѝ донира јајцеклетки, додека помлада сестра, 36-годишната Мередит, предложила таа да го роди детето.
„Не знам како да им се заблагодарам на моите сестри за најубавиот подарок во светот. Сакам другите жени да знаат дека секогаш има надеж“, вели Џеклин.

Таа и сопругот се венчале во 2018 година и веднаш почнале да се обидуваат да создадат семејство.
„Имав 33 години, а Грег имаше 39. Не сакавме да трошиме време, па почнавме да се обидуваме. Но, како што минуваа годините, целата ситуација се претвораше во кошмар.
По првиот спонтан абортус, сестрите веднаш ми дадоа поддршка. И тие две имаа проблем со зачнување. Едната од нив имаше доживеано спонтан абортус, а другата роди со асистирано оплодување кога беше помлада“.

Бидејќи потоа и двете сестри успеале да добијат дете, Џеклин се надевала дека истото ќе ѝ се случи и неа.
Кога лекарите ѝ кажале дека има ендометриоза и други здравствени проблеми кои го отежнуваат зачнувањето, сестрите на Џеклин веднаш понудиле да ѝ помогнат.
„Им бев благодарна, но секогаш ги одбивав, надевајќи се дека ќе зачнам со Грег. Помислата да не го родам моето дете ме убиваше. А, дури и со сурогат мајка, сакав барем јајцеклетките да бидат мои“.

Во 2023 година, Џеклин сепак решила да ја прифати понудата на нејзините сестри и тоа лето бебето било зачнато.
Иако била пресреќна, Џеклин признава дека до последен миг се плашела дека нешто ќе му се случи на бебето.

За среќа, бременоста поминала во најдобар ред, па во февруари 2024-та Џеклин и Грег добиле ќерка.
„Денес ќерка ни има една и пол година и ни ги исполни сите соништа. Нејзините тетки постојано доаѓаат на гости, ми помагаат во грижата.
До сите жени кои не можат да забременат – ако некој ми кажеше дека вака ќе добијам дете немаше да верувам. Бидете отворени за можностите и прифатете ја поддршката од саканите. Сè ќе биде во ред“, порачува Џеклин.

Спирова С. | Црнобело