Инженер (84) за безбедност во Honda стана хит со лудата „аниме“ фризура
- Детали
- вторник, 30 септември 2025
За време на промоција на нов модел на Honda од пред месец-два, многу повеќе внимание привлече инженерот за безбедност отколку самиот автомобил. Со лудата „аниме“ фризура, Шотаро Одате од Јапонија стана интернет сензација.

Кога помислувате на главен инженер во некоја компанија, веројатно си замислувате личност во елегантна облека која делува сериозно.
Но, главниот инженер на Honda е овде за да ги сруши овие стереотипи, а брзо стана популарен лик благодарение на неговиот ексцентричен изглед.
Минатата година тој стана хит во Јапонија, но годинава се прослави во целиот свет.

Летово, автокомпанијата Honda правеше промоција на автомобил во Кина, но главниот инженер Шотаро Одате привлече повеќе внимание од новиот модел.
84-годишниот инженер има луда фризура, како на лик од аниме и несомнено изгледа многу помладо од својата возраст.
Фотките од промоцијата почнаа да се споделуваат вирално, а јавноста успеа да „ископа“ и фотографии и видеа од други настани на кои инженерот гордо си ја носи впечатливата фризура.

Не се познати многу детали за приватниот живот на Шотаро Одате, но бидејќи некои фотки се претпоставува дека се постари, тој веројатно ја има истата фризура со години.
На некои веб-сајтови беше споделена и црнобела фотографија од табло на која наводно е инженерот со слична фризура како таа што ја има сега.

Шотаро Одате е експерт за безбедност и според некои медиуми, зад себе имал над 250 патенти. Исто така, имал издадено и скоро десет научни трудови во врска со автомобилската безбедност.
Не е познато колку долго работи за Honda, но некои извори велат дека од 2015-та тој раководи со тимот задолжен за безбедност во нивните автомобили.

Бидејќи се појавија видеа и фотки на кои се гледа дека инженерот е во топ форма, некои медиуми пишуваат дека можел да крева тегови и од 170 килограми.
Не се знае каде е роден инженерот, ниту која е неговата точна возраст, но повеќето извори тврдат дека има 84 години.

И покрај интернет популарноста што ја стекна, Шотаро Одате сепак е приватна личност, па дозата мистерија околу него го прави уште поинтересен лик за јавноста.
Спирова С. | Црнобело