Опседнати сте со ChatGPT, премногу му верувате: Дали страдате од „AI психоза“?
Иако засега не е официјална дијагноза, таканаречена AI психоза претставува состојба на збунетост, анксиозност, па и губење допир со реалноста поради прекумерно користење и потпирање на алатки и чет-ботови со вештачката интелигенција, како ChatGPT.

Иако се релативно нови алатки, чет-ботовите со вештачка интелигенција како ChatGPT веќе се целосно навлезени во нашето секојдневие.
Не само за работа, милиони луѓе ги користат и во секојдневието за пребарување информации, консултација, па и обичен разговор.
Но, кога некој премногу ќе почне да се потпира на овие чет-ботови, може да настане сериозен проблем.
Иако чет-ботот може да делува како да разговарате со личност, тоа е сепак само вештачка интелигенција. Исто така, неретко се случува некои чет-ботови, вклучувајќи го и ChatGPT, да даваат лажни информации.
Во поекстремни случаи, пак, може да се јави и таканаречена AI психоза поради прекумерната употреба на ChatGPT и сличните алатки.
Што треба да знаете за оваа нова состојба и кои се симптомите?
Што е AI психоза?
AI психоза засега не е официјална дијагноза, но се користи за опишување на состојба на збунетост, анксиозност и параноја поради прекумерно користење алатки и чет-ботови со вештачка интелигенција.
Се претпоставува дека луѓето кои веќе имаат проблеми со менталното здравје може да бидат поподложни на оваа состојба.
Како вештачката интелигенција создава симптоми како на психоза?
Бидејќи станува збор за нова состојба, не се направени многу истражувања.
Сепак, според она што е познато досега, се претпоставува дека прекумерното користење и потпирање на чет-ботови може да предизвика некакви симптоми.
Самиот чет-бот, како ChatGPT не може да предизвика психоза. Но, постојаното користење може да го зголеми ризикот од психоза кај луѓе со веќе зголемен ризик – на пример лица кои веќе имаат некакво ментално нарушување.
Според досегашните студии, прекумерното користење алатки со вештачката интелигенција може:
- Да ве натера да мислите дека лажните информации се точни
- Да ги засили невообичаените или параноичните мисли
- Да создаде силна емоционална поврзаност со алатката
- Да создаде забуна помеѓу информации од вештачката интелигенција и реалност
