И во Македонија има шефови кои се пример за вработените и среќни сме поради тоа
Тие не сметаат дека тоа што се избориле да стигнат до оваа позиција им дозволува да малтретираат народ. Ќе се изразам токму вака – затоа што токму вакви примери гледам во изобилие од секојдневието во Македонија. Се согласувате ли?

И во Македонија има шефови кои совршено си ја работат својата работа во поглед на организација, мотивација и корекција на работењето, без притоа некого да навредат, омаловажат или, уште полошо, со некого да се изживуваат.
Функцијата и моќта која ја имаат не се трудат да ја злоупотребат, туку правилно да ја употребат за подобрување на целокупното работење на компанијата, но едновремено и зголемување на нивото на среќа на нивните вработени... Затоа што нели и повеќе од јасно е – среќни вработени се добри и продуктивни вработени.
И овие шефови се пример...
Пример за смиреност, темелност, посветеност во работењето.
Пример за тоа како треба да се работи.
Подучуваат преку дела, а не само преку зборови.
Критериумите на работењето ги поставуваат навистина високо, но преку начинот на кој тие самите работат - најмногу и најпосветено од другите, а не преку празни зборови и диктатура базирана на темел на свои „иссонувани“ сценарија.
Тие знаат дека токму тие се оние кои го носат најголемиот товар на плеќите и дека токму во тоа е тежината на оваа функција.
Тие не сметаат дека тоа што се избориле да стигнат до оваа позиција им дозволува да малтретираат народ. Ќе се изразам токму вака – затоа што токму вакви примери гледам во изобилие од секојдневието во Македонија. ЗА ЖАЛ - ова нека стои со големи букви!
Надмени, полни со себе шефови кои не знаат да ги ценат работниците и забораваат дека без овие, за нив мали тркалца, фирмата ниту ќе функционира, ниту ќе се придвижи напред.
Зборови полни навреди, гледање одгоре, потценување, паметување наместо културен и мудар пристап со кој би го извлекле максимумот од секој еден од вработените.
Доколку се навистина толку интелигентни како што се претставуваат, тие првенствено ќе бидат психолози, ќе знаат точно да ги проценат силните и слабите страни на вработените и потоа во согласност со тоа ќе успеат да го извлечат максимумот од нив, кој на крајот од денот на нив самите ќе им ја максимизира финансиската добивка од целокупното работење на компанијата.
Но, не, едноставно некои луѓе не знаат и не се родени за да бидат шефови.
Таа суровост, строгот, надменост не вродува со плод на долг рок. Потребен е човечки однос, разбирање, искрен разговор и слушање на туѓите желби и потреби на моменти.
И среќни сме што во Македонија има вакви шефови, шефови кои си ја знаат работата и работното место не го прават токсично место!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело