„Бев во болница во туристичко место во Македонија со синот - докторите ни се злато“
За жал, завршив на дежурство во туристичко место во Македонија поради интензивен стомачен вирус на синот. Со книшката во рака и без преголеми очекувања тропнав на докторски врати, а таму? И разбирање и љубезност и вистински професионалци! Само се молам ваквите доктори да успееме да ги задржиме во Македонија...

Патувањата со деца секогаш носат изненадувања, во најголем дел пријатни, но очигледно и непријатни кога станува збор за здравјето.
Со нив најгласно се смееме, но и често се наоѓаме во ситуации кога стресот е на највисоко можно ниво.
Во една таква се најдов и јас за време на краткиот престој во eдно наше туристичко место, кога на моето дете му се се случи здравствен проблем, а таблетките од аптека не помогнаа, па тргнав да чукам по докторски врати.
Со книшката во рака и без преголеми очекувања, бев изненадена и од љубезноста и од пристапот и од ефикасноста на вработените во државната болница и тоа во време на дежурство.
Сите внимателни, трпеливи и со разбирање за родителите на мало дете, кои всушност и немаат многу искуство со вакви ситуации, тие одлично пристапија.
Овој навистина сериозен стомачен вирус, кој од оваа гледна точка и не е така страшен, но во тој миг на константно повраќање и дијареја беше една од најстрашните работи на светот за мене, тие го истретираа на одличен начин.
Со топол збор за нас, туристите дојденци, со искрен разговор околу начинот на третман, па дури и отворени за сугестии.
И само едно ќе кажам – браво доктори!
И често се фрла со камења и трње по докторите, но не е до нив, до системот е.
Често се преморени, преистрошени од сите тие дежурства и недостиг од персонал и токму затоа можеби секогаш не блескаат во своето најдобро издание.
Но, овие доктори и тоа како во мои очи го оправдаа очекувањето кои го имам од луѓе кои работат една вака хумана професија.
Едноставно беа луѓе во вистинска смисла на зборот.
И среќни сме што ги имаме! Што повеќе вакви доктори да ни останат да ни се градат и да работат во државава, затоа што неопходни ни се!
И да не се радуваме кога ќе сретнеме добри доктори, туку да работиме на тоа тие да ни се секојдневие, нудејќи им добри услови и третман за да останат дома и да нè лекуваат нас, а не туѓинци одејќи на печалба во Германија, Италија и каде уште не.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело
