„Син ми (2) ме удри со глава, речиси ќе завршев со скршеница во Државна болница - Мајки, вака тешко ли е?“

Во животот никој ме нема „малтретирано“ како моето дете. Добро, јасно е и дека никој ме нема така сакано и никого немам така сакано.
Но, зошто ретко кој јавно споделува дека со дете, во фазата на тодлер, лесно можеш да завршиш со скршена коска на лицето или со скршен нос или со каква било друго повреда....?
И нормално, не е тоа намерно, се случува или среде тантрум или среде ноќен терор, кога детето наеднаш од сон почнува да вреска и плаче и всушност не е ниту будно во тој миг.
Јас имав токму таков инцидент, среде ноќ, се зафрли така силно со главата наназад, што сега си шетам со таков оток и модринка, што мислам дека луѓе ќе ми пристапат на припомош за да ме прашаат да не сум жртва на семејно насилство.
И до некаде сум, жртва на насилство од своето дете. И сега во моментот не ми е толку трагично, можеби дури и ми е малку смешно.
Но, во моментот на ударот ми беше толку болно, што си реков „Не го можам јас ова, премногу е!“.
Јас, која никогаш во животот не сум трпела некој да ме малтретира, ниту сум имала преголем праг на толеранција за некој да си игра игри со мене, сум прекинувала и пријателства и љубовни врски и сум давала отказ од работа во прв момент на и најмала трага од непочит или некаков тип на изживување, сега сум во ситуација кога трпам апсолутно сè, од тантруми без причина до удари во афект.
И си го споделив ова со мајки од околината, кога тие со реакција „Ех ништо чудно, мене еднаш носот ми пукна од удар, буквално крцна, мене еднаш раката“... и што уште не.
И ме преплави благо чувство на олеснување, дека нормално било, фаза било, ќе помине...
Но, колку фази од родителството уште допрва ме чекаат и колку секоја една од нив ќе биде потешка од претходната?
И не, нека не ви продаваат розови филмови, родителството е навистина најубавата, но дефинитивно најтешката работа што некогаш ќе ја направите во животот.
Ќе ви требаат „гајтан“ нерви, тон трпение и не броење до 10, туку до 100.

И навистина ќе заборавите на сè во мигот кога ќе ви се насмевме и ќе ве гушне најсилно како само вие на светот да сте му важни и кога за вас ќе отпее и одигра нешто, буквално како да го има најзначајниот настап на светот.... Но, не е лесно.
Има моменти за кои ќе ви требаат челични нерви и има денови или ноќи кои само треба да ги преживеете.
Како кога лежи болен и безенергичен, барајќи со очињата спас во вас, а вие немате како да му помогнете... На такви денови буквално се крши срцето.
И додека модринката под окото уште ме боли, се сеќавам како вчера само неколку часа пред тоа имав еден од „најгордите“ родителски моменти.
Ми се јави човек, кој не ми е нешто близок, а кој го видел моето дете за првпат во животот додека тоа шетало во маало со баба му.
Вели: „Морав да ти се јавам, и да ти кажам дека јас израснав две свои деца и дека во животот запознав стотици деца и на пријатели и на познаници, но дете како твоето јас немам видено. Ниту ме знае, ниту ме познава, дојде и ме изгушка, ми се смее, ме топи буквално. Таква ведрина, таква позитивна енергија, буквално ми го разубави денот со насмевката. Дете со ѕвезда!“.
И да, си климам со главата вистина има насмевка што ледници топи и да, тоа што го имам во животот е најдобрата работа што ми се случила, и покрај тоа што некогаш боли и некогаш ми се потребни барем 24 часа пауза.
Да се биде родител е најубавата и најтешката работа на светот и да бидеме искрени, пред оние кои допрва ќе се соочат со неа.
Да знаат дека сè е нормално и дека сè ќе помине, и лошото и доброто, буквално како и сè друго во животот...
Вистинољубка| Црнобело / фото: depositphotos.com
