„Син ми инаку прозборе на 10 месеци“ - Во ред мамичке, гледам, сега личи на иден претседател на држава
„Леле Лука мој вака, леле Лена моја онака“... Деца се, не сакам да коментирам, но, денес пораснати, во ниту едно од нив не гледам иден претседател на држава или извршен директор на компанија од висок ранг. И тоа што биле први со „вештините“ како бебиња, не им го предодредило патот. Majки, зошто ваква трка и притисоци?

Ќерка ми на 5 месеци знаеше ова, син ми на 10 месеци она... Сето ова е супер, но мајки полека малку со трката.
Дај уживајте во процесот. Природниот тек на работите понекогаш е најубав и во процесот уживаат и двете страни - и родителите и децата.
Зошто растењето на деца се претвори во трка? Во ред е, едно проодело порано, друго прозборело порано, трето развило некоја друга вештина... Четврто, пак, подоцна.
И во ред е тоа. Секој во свое време и со свое темпо.
Тоа ниту гарантира интелигенција во иднина, ниту снаодливост, ниту успешност, ниту, пак, среќа...
Кај родителите оваа непотребна трка создава само моментален притисок и несреќа.
Сум запознала мал милион луѓе кои зборувале во суперлатив за своите деца и се фалеле колку нивните деца научиле некои вештини рано во животот, а денес тие деца по ништо не се истакнуваат, дури имаат и проблеми и со образование и со основна култура и со низа други животни прашања.
Деца се, не сакам да коментирам, но во ниту едно од нив не гледам иден претседател на држава или извршен директор на компанија од висок ранг. И тоа што први биле со „знаењата“ како бебиња, не им го предодредило патот.
Зошто тогаш некои родители имаат ваков пристап... „Леле Лука мој вака, леле Лена моја онака“.
Оставете ги децата да бидат деца. И да бидат безгрижни. И да не ја чувствуваат вашата тензија и притисок, туку вие да им бидете најубавото друштво на светот. Вие да им бидете нивно сигурно катче и безбедно засолниште.
Нивен најдобар другар, нивна омилена личност за навек.
Играјте си со нив како и вие да сте дете, престанете да промислувате за секој кажан збор и направен потег.
Потсетете се како нè чуваа нашите родители и премотајте го филмот и вратете си во главата кои ви се најубавите спомени во главата од детството.
Мене искрено кога скокав од рамениците на татко ми во една река во околината на Скопје со непроверен квалитет на вода.
Лелееее.... Да чујат денешниве родители ќе го стават на тапет. Неодговорен, за секоја осуда!
Не, верувајте во мои очи совршен татко. Татко што ми пружил неверојатно среќно детство и што ме научил да се борам за себе и не да бидам успешна затоа што морам за него, туку за своја лична сатисфакција.
Јас никогаш не учев поради тоа што така треба или што ќе кажат моите дома, туку поради тоа што сакав да бидам Најдобра.
И не, не проговорив на 9 месеци, но ете, добро испаднав.
Олабавете со притисокот врз себе и врз децата, уживајте во родителството и дозволете им и на другите да уживаат во него, на начинот на кој тие сметаат дека е правилен, затоа што можеби и вашето ќе се испостави како погрешно, само во едно идно време.
Па, дури и таа посветеност од 24 часа на ден и јас не се делам ниту на 1 час од моето дете, не верувам да донесе премногу добро во животот.
Некогаш навистина знае да биде контрапродуктивно и да изгледате дете фатено за фустанот на мама, кое утре на 26 години ќе го молите: „Сине, ајде да седнам со тебе да поучиш, па мора да го довршиш факултетот“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com
